Али Ахмети добил пратка од Зоран Заев. Материјали од Бихаќка стигнале до Мала Речица, потврдуваат за ТВ 24 партиски извори и од двете партии.
Но од ДУИ не сакаат да прецизираат што сè има во пакетот освен предлог закон за албанскиот јазик кој го потврдуваат и дали пакетот го содржи се она што од ДУИ го побараа. Од СДСМ, пак, само кусо велат дека документот е еден.
Преговарачите на лидерите на СДМС и на ДУИ, пак, континуирано се среќаваат. Партиски извори од ДУИ велат дека на маса се и разговори за ЕУ, НАТО, СЈО, како и изборните платформи на двете партии на изборите.
„Се уште е рано што и да се прогнозира, имаме уште работа“ – вели висок партиски функционер вклучен во преговорите.
Без конкретни детали за преговорите и еден од преговарачите на Ахмети. Потпретседателот на ДУИ и гостиварски градоначалник Невзат Бејта. Бејта без да прецизира рокови само порача дека треба Влада да има што побрзо.
„Што побрзо да се формира влада базирана на мнозинството на граѓани од нашата земја, на прво место да бидат правдата, слободата, рамноправноста“ – изјави Бејта.
За разлика од него, лидерот на ДУИ повторува дека на ДУИ не и се брза со одлуката. Токму тоа му го кажал на францускиот амбасадор.
„Ахмети го запозна Амбасадорот на Франција дека ние не се брзаме, но сакаме да се осигуриме дека очекувањата на граѓаните ќе се исполнат, заедно со разгледувањето и расветлување на оспорените случаи како Монструм, Сопот, Куманово, и прислушкувањата.“
Францускиот дипломат, пак, порача дека Европа очекува брза Влада, но и дека земјава не е во криза, за разлика од него – америкаснкиот амбасадор воздржан.
„Нема потреба да се драматизираат работите, државата не е во состојба на криза. Сепак, ние како амбасада останува на ставот дека не треба да се губи време. Треба да се формира влада што побрзо и земјата да продолжи со напорите за зацврстување на мирот, демократијата и слободата“ – изјави Кристиан Тимоние, амбасадорот на Франција во Македонија
„Денес нема да одговорам на политички прашања, тука сум да зборувам за нашето партнерство, нашата соработка со специјалните сили и заедничките напори за борба против тероизмот“ – изјави Џес Бејли, амбасадор на САД.
Сепак во ДУИ нема најава кога Ахмети ќе го свика ЦП, кое треба да решава за пратеничките потписи на ДУИ по предлогот што ќе го стават на маса преговарачите на Ахмети.
Шефот на кабинетот на Ахемти во интервју за 24 анализа порача дека за да има ослука чекаат комплетен предлог со се поделба на функционерски места. Груби исто така најави дека во ДУИ нема одлука до кога треба да донесат одлука, што вели може да значи и дека техничк ДУИ ќе решава 4 години.