Меѓу 2006 и 2009 година на Митко Чавков, на име патни трошоци и остварени прекувремени работни часови, неосновано му биле исплатени близу 30 илјади евра заради што против него во октомври 2013 е поднесена кривична пријава.
Пријавата, според информации од Основното јавно обвинителство, е заради постоење основано сомневање дека Чавков сторил две кривични дела, измама и злоупотреба на службена положба и овластување.
Митко Чавков, се наведува во пријавата, во 2006 година, веднаш по неговото именување за началник на Одделот за организиран криминал, до Министерството за внатрешни работи доставил барање за нерешено станбено прашање во Скопје на кое барање му било позитивно одговорено и му бил исплаќан надомест за сместување во стан на улицата „Ленинова“ во Скопје.
Во ноември истата година Чавков до министерството доставил ново барање (бр.175-62834/1) за да му се одобри исплата на надомест за превоз по основ на остварени патни трошоци заради, како што навел, секојдневно патување на релација Струмица-Скопје и обратно. Со решение (бр.64473/1) на пријавениот експресно му било признато правото за надомест и за таа цел нему, секој месец, освен платата му биле исплаќани дополнителни 19.000 денари.
Чавков, дополнително, меѓу 2006 и 2009 година сам на себе си припишувал остварување на прекувремени часови минати на работното место, останувања до касно во ноќите, работни обврски и во викендите и за празнични денови, и за таа цел земал „дополнителни“ триесетина илјади денари.
Останува нејасно како тогашниот началник на Одделот за организиран криминал, а сега директор на Биро за јавна безбедност, успевал да остане на работа до доцна навечер, а и притоа да стаса на автобус за Струмица, со оглед на фактот дека последниот тргнува од Скопје во 19 часот.
Од Обвинителството засега нема какви било коментари за случајов. Нема информации за тоа дали и што е преземено до сега, дали била спроведена истрага и што е утврдено од собраните материјали. – пишува Томислав Кежаровски за Актуелно.