Уставниот суд нема надлежност и не смее да одлучува за продолжување на мандатот на градоначалниците, туку Собранието, вели академик Владо Камбовски за САКАМДАКАЖАМ, за поднесените иницијативи од Министерствата за правда и за локална самоуправа, како и таа на Светскиот македонски конгрес до Уставниот суд, со кои се бара бришење на членовите од Законот за локална самоуправа кои го ограничуваат мандатот на четири години.
„Оние уставни судии кои ќе гласаат за укинување на двата члена од Законот за локална самоуправа кои пропишуваат дека мандатот на градоначалниците трае четири години, прават кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластувањата“. Во Кривичниот законик на РМ за ова дело е предвидена казна затвор“, предупредува академик Владо Камбовски во изјава за САКАМАДАКАЖАМ.МК .
Иницијативите и официјално се поднесени до Уставниот суд, потврди Министерството за локална самоуправа. Судот се уште се нема произнесено кога тие ќе се канаализираат по редовна процедура, кога ќе добијат судија-известител и седница на која ќе се одлучува дали да се прифатат или одбијат.
„Уставниот суд сега тактизира, следи каква реакција ќе има во јавноста за обидот да излезе од своите ингеренции и да им се обезбеди вечно владеење на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Но, треба да им се каже на уставните судии дека ако направат такво нешто, кривично ќе одговараат“, вели Камбовски.