Во текот на денешниот ден скопјани мораат да ги развиваат своите вештини за уметничко лизгање кога се движат низ центарот на градот. Додека чистењето на булеварите е во надлежност на Град Скопје, споредните улици во надлежност на општина Центар, за чистење на тротоарите се задолжени самите граѓани.
Коловозите низ центарот се исчистени, но тротоарите се целосно заледени, па оние кои се движат пеш поминуваат слалом до своите работни места или до местото каде се упатени. Граѓаните реагираат за неисчистените тротоари, но од општина Центар велат дека чистењето на тротоарите не е во нивна надлежност.
-Чистењето на пешачките патеки покрај коловозите е задача на самите граѓани или фирми пред кои е самиот тротоар, изјави за Фокус портпаролката на општина Центар, Катерина Цаневска.
Но, никој не сака да се фати за лопата и да ги разбие скопските лизгалишта. Освен за тротоарите, граѓаните се жалат и за споредните улички низ Центар. Чистењето на снегот од овие улици е во надлежност на општина Центар, но оттаму велат дека тие својата работа си ја завршиле и дека споредните улици се исчистени. Сепак, утрово оние кои се симнуваа по улиците од Водно и низ Капиштец поминуваа слалом и со своите автомобили и пеш.
И кога ќе пристигнеа на некој од паркинзите во центарот на градот, борбата продолжуваше. Граѓаните ги чекаше нов слалом од излегувањето од автомобилот до поминувањето на заледениот паркинг. И потоа, уметничко лизгање по тротоарите.
Раководителот на секторот од општина Центар во чија надлежност е и чистењето на снегот не сакаше да коментира дали се исчистени паркинзите и рече дека секој граѓанин може да се јави кај нив и да реагира доколку има некој неисчистен паркинг или споредна улица за која тие се надлежни.
Инаку, додека градските и локалните власти тврдат дека тие си ја завршиле својата работа со чистењето на снегот, во специјалната хируршка болница „Свети Наум Охридски“ во Скопје за време на празниците се примени 105 пациенти со повреди предизвикани од пад на замрзнатите улици. Директорката на болницата, Јасмина Чабуковска објасни дека доминираат повреди на раце и подлактица, потоа надлактица, колкови, контузии, како и повреди на скочниот зглоб.