Во текот на вчерашниот ден, од страна на фирмата за надзор на градежните активности, извршена е контрола на трасата за примарната водоводна мрежа во с. Луке и извршен е технички прием на делницата на примарната мрежа за водоснабдување.
Водоводната мрежа е во должина од 1 700 метри, а реализацијата на овој проект е финасирана од Програмата за управување со водите преку Министерството за животна средина и просторно планирање и Oпштина Крива Паланка.
-Реализацијата на ваков проект е од витално значење за населението од ова подрачје и е основен предуслов за подобрување на условите и квалитетот на живот на граѓаните, посочија од локалната самоуправа на општина Крива Паланка.
По завршувањето на градежните активности, деновиве ќе следува и контрола на квалитетот на водата за потребите на жителите, а стручните служби од Oпштина Крива Паланка продолжуваат со планираните активности за изградба и на секундарната мрежа за водоснабдување на населбите Просарци, Камењарци и Мачорци.