Во Македонска Каменица вечерва ќе се спроведе вонредна акција за дезинфекција на јавните површини во градот. Акцијата ќе ја спроведат екипи на јавното претпријатие „Камена Река” и Територијалната противпожарна единица од Македонска Каменица, со цел дополнителна заштита поради појавата на зголемен број позитивни случаи со Ковид-19.
– Апелираме до граѓаните да ги отстранат паркираните возила од улиците, за полесен пристап и непречено вршење на екипите на терен. Во акцијата ќе биде вклучена и крупна механизација со системи за распрескување на дезинфекциони средства. Со акцијата за дезинфекција ќе бидат опфатени спортските игралишта, забавни паркови и јавните површини, влезовите во станбените живеалишта, како и улиците во градската и приградската средина, информираа надлежните.
Од општината истакнуваат дека будно ја следат состојбата и навремено ги спроведуваат сите мерки и препораки од Владата и Комисијата за заразни болести за спречување и ширење на коронавирусот.
-По издадените решенија и наредби за работа од далечина и првиот регистриран позитивен случај на вработен во општинската администрација, таа ќе работи во редуциран состав, а влезот за странки нема да биде дозволен. Вработените ќе ги вршат тековните работни обвски од далечина до 13 септември, а по потреба и физички ќе бидат присутни на работните места. Поради зголемениот број на регистрирани случаи во Македонска Каменица, како општина апелираме до граѓаните и стопанствениците во трговските, услужните и угостителските објекти строго да се придржуваат и да ги спроведуваат пропишаните протоколи и мерки за заштита од коронавирусот, велат од општината.