– Водата од три рурални населби во кривопаланечко е небезбедна за пиење и користење како техничка вода. Станува збор за водата во селата Добровница, Подржи Коњ и Дурачка река.
–До Општина Крива Паланка од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство – Подрачна единица Крива Паланка се пристигнати извештаи од спроведено тестирање и анализа на вода во три рурални населби: Добровница, Подржи Коњ и Дурачка Река кои покажуваат дека водата на земените мостри на вода на 9 и 12 март 2020 година од овие води, во однос на физичко -хемиската анализа не одговара на законските прописи за здравствена безбедност на вода односно истата не е безбедна за пиење и користење, информираат од службата за комуникација со јавност при Општина Крива Паланка.
Според лабараториските наоди од 13 март 2020 година, водата во село Дурачка Река од т.н Стојанчева чешма не е безбедна заради зголемен вкупен број на колиформни бактерии и присуство на ешерихија коли – индикатор на фекално загадување на водата. Наодите од 16 март покажале дека не е безбедна водата во село Подржи Коњ, водовод за куќи спроти школото заради зголемена матност, а истиот ден е извршено тестирање и на водата во село Добровница – центар на село кај амбулантата и истата не е безбедна за користење заради зголемено присуство на калиум перманганат.
–За да може водите да бидат употребливи, потребно е да се изврши дезинфекција и кондиционирање на водата од надлежен орган. Поради тоа се известува месното население, корисници на наведените локални водоводи и чешми дека е забрането натамошно користење на водата се до нормализирање на квалитетот на водата. Воедно се известуваат режиските одбори и претседателите на месните заедници на Добровница, Подржи Коњ и Дурачка Река веднаш да го известат месното население за состојбата, како и да стапат во контакт со Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ со цел превземање мерки за подобрување на квалитетот на водата на наведените водоснабдителни системи и објекти, додаваат од Општина Крива Паланка.