Во независна Македонија, жителите на Кратово секогаш досега беа водени од градоначалник поддржан од Социјалистичката партија на Македонија во која прв човек е Љубисав Иванов Ѕинго. Меѓутоа локалните избори кои се одржаа на 15.октомври донесоа изненадувачки пресврт во кој за прв пат победи човек кој дели различни ставови и ја доби поддршката на граѓаните.
Луѓето кои ги сретнавме и со кои поразговаравме на оваа тема, на смеа велат, полека паѓала империјата на Ѕинго и контролата врз градот, бидејќи Кратово досега не мрднало од место.
Живеам 30 години во Кратово. Требаше да бидат овие промени, пошто ептен градот умре. Триесет години како сум јас тука, иста е ситуацијата, не е мрднато со прст. Младите се иселуваат, постарите умираат. Нема улици, нема фабрики, секаде има клуч, за никаде е, вели Перо Николовски, жител на Кратово.
Исти се размислувањата за промените и од угостителот Иле Мишевски, како и Манев Павле.
Туризмот во Кратово се уште не е заживеан како што треба. Очекуваме нешто подобро, моментално не е добро во Кратово. И угостителството и трговијата се е катастрофа. Луѓето го напуштаат градот, бегаат, останаа уште многу малку луѓе, вели Мишевски.
Пред камерата на НОВА, новиот градоначалник, Љупчо Бојаџиев вели тој очекувал ваков резултат, пред се поради волјата за промени кај младите.
Еуфоријата за промените во Кратово, се чувствува при секој разговор во чаршијата или кафулињата, а можеби затоа што граѓаните со промените очекуваат слободно да разговараат. Кратовчани зад камерите, велат, незамисливо било изборните плакати од партијата противник на Ѕинго да стојат на бандерите.
При нашата посета во градот стапивме во контакт и со досегашниот градоначалник Мите Андоновски, кој на 15.октомври бараше четврти мандат, но тој рече дека не чувствува должност да даде изјава за состојбата на градот кој го водеше12 години. Меѓутоа за неговата работа, разговаравме со новинарот Саше Ивановски познат како Политико, кој целата вина ја гледа во лидерот на партијата од која поттекнува Андоновски, Ѕинго.
Повеќе за репортажата на НОВА од Кратово погледнете во видеото