Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека во тешка сообраќајна несреќа што се случила вчера, на 52-годишна возраст загинал нивниот колега Љупчо Бучукоски, оперативен работник во Регионалниот центар за управување со кризи во Битола.
Во соопштението од ЦУК се наведува дека Бучукоски бил долгогодишен и посветен професионалец, кој со својата работа и човечност оставил силен печат меѓу колегите и во заедницата.
„На 05.03.2026 година, во тешка сообраќајна несреќа, на 52-годишна возраст, прерано нè напушти нашиот драг колега, Љупчо Бучукоски, оперативен работник во Регионалниот центар за управување со кризи во Битола. Колективот на Центарот за управување со кризи изразува длабоко жалење за загубата и упатува искрено сочувство до семејството Бучукоски“, соопштија од институцијата.
Од ЦУК истакнуваат дека Бучукоски ќе остане запаметен по неговата беспрекорна професионалност, посветеност во извршувањето на службените обврски, како и по коректниот однос кон колегите и несебичната поддршка и помош што им ја давал на граѓаните.
„Центарот за управување со кризи ќе те памети по твојата беспрекорна професионалност, посветеност и човечност. Ќе останеш запаметен по добрината и помошта што секогаш ја даваше кога беше најпотребно“, наведуваат од ЦУК.
Последна почит кон Бучукоски ќе се оддаде на 7 март 2026 година во Капелата на црквата „Света Петка“ во селото Жван, општина Демир Хисар, од 13 часот, додека погребот ќе се изврши на локалните гробишта во селото во 13:30 часот.
