-Наша крајна цел се задоволни пациенти, добра , квалитетна, навремена и достапна до сите здравствена заштита, до сите наши граѓани, за овозможување достоинствен и по квалитетен живот и благосостојба на населението, вели во интервју за Ипортал, Бранко Стаменковски, директорот на Здравствен дом „Димитар Арсов“ од Крива Паланка.
Во изминатите две и пол години во здравствениот дом „Димитар Арсов“ Крива Паланка набавен е нов рентген апарат, ново санитетско возило за итната медицинска помош, реализирани се бројни вложувања во опремување на болничките одделенија, одобрени се нови неопходни специјализации за лекарите, во насока на долгорочно решавање на проблемите во здравствениот дом, а годинава е планирано да се набават нов ЕХО апарат и мамограф.
Ја превземавте функцијата директор во втората половина на 2017 година, во каква состојба го затекнавте здравствениот дом, финансиски, организациски и кадровски?
-Кога стапив на функцијата директор во август 2017 година, затекнав долг од 20.000.000 денари, големи доспеани долгови речиси кон сите доверители. Бевме секојдневно под пресија на извршители за присилна наплата на долгови, но како раководство, со стрплив настап, без нарушување на нормалното функционирање и без да се наруши здравствената услуга и заштита на населението, успеавме, дел по дел, да го вратиме комплетно долгот и на општо задоволство сме во сосотојба на позитивно салдо, речиси веќе половина година, а тоа значи, можности и развој, доопремување, медицинско и техничко, на установата, рече Стаменковски.
Според Стаменковски, процесот бил макотрпен и за неполни две години, истиот е вратен целосно, покриени се сите претходно доспеани долгови.
-Најголемито дел од трошоците во здравствениот дом кои ја беа испразниле касата, биле ненаменски и неплански направени, а за дел од нив се водат и судски постапки и допрва ќе следува разрешница за тоа дали и колку е направена злоупотреба на средствата на штета на граѓанитее, вели Стаменковски.
Иако во незавидна состојба, долговите во констинуитет и постепено се враќаа, со одлична соработка со Министерството за здравство и фондот за здравство постигнати и направени се многу работи што ја промениле истата, истовремено, подобрувајќи ја.
-Почетната состојба во втората половина на 2017 година, покажа дека лошото менаџирање од претходно, отежнатите услови за работа на здравствените работници беа до тој степен, што се немаше основни средства за работа, од технички ресурси: компјутери, принтери , основен инвентар за реализација на секојдневните активности и за добро и навремено давање на услуги на пациентите. Состојбата со болничките одделенија, нервно, интерно и хируршко, беше очајна, со дотраени ресурси, неопходни за болнично згрижување на пациентите. Поради тоа набавена беше комплетна постелнина за сите болнички кревети,вкупно 25, набавени се нови пижами за потребите на пациентите кои престојуваат во болничките одделенија, секоја болничка соба беше опремена со соодветни шкафчиња за чување на личните работи на пациентите, а таков инвентар досега воопшто и немаше во ниту едно одделение во нашата болница.
Исто така во секоја соба беа монтирани и клима уреди. За да се овозможи непречено работење на лекарите и останатиот медицински кадар, набавени беа 15 нови компјутери и исто толку принтери, а беа опремени сите медицински ординации, не само кај лекарите, туку и кај другиот медицински кадар, со што се обезбедија услови за непречено и нормално работење. Во 2018 веќе пристапивме кон софтверско поврзување на целиот систем од здравстевниот дом, целата институција, со останатите надлежни државни институции, Министерство за здравство и Фонд за здравствено осигурување. Сите материјали и опрема беа набавувани тековно, сукцесивно, во 2018 и 2019 согласно расположливите финансиски средства, рече Стаменковски.
Колку и што е инвестирано во опрема, осовременување на услугите?
-Кон крај на 2018 поради дотраеност и застареност на рентген апаратот кој се користеше повеќе од 18 години, со помош на Минстерството успеавме да набавиме и инсталираме нов РТГ апарат, во вредност од 3.400.000 денари. Со тоа, значително се подобрија услугите кои им се пружаат на граѓаните, а Здравствениот дом, Крива Паланка има еден од по современите рентген апарати во регионот, со што граѓаните имаат подобра дијагонсотика и услуги. Но не само тоа, тековно, на почетокот на 2019 година заради подобри услови на вработените, набавена беше и комплетно нова работна облека, со средства од сопствениот буџет на установата.
Во 2019 година, за прв пат беа направени систематски прегледи на вработените, нешто што мора задолжително да биде направено согласно законот, кој, патем кажано е донесен уште во 2011, но иако на сила, оттогаш се до лани, не беа извршени систематски прегледи на вработени, воошто. Ова беше реализирано на почетокот на 2019 година,а за таа намена се потрошени околу 300.000 денари. Исто така, мора да нагласам дека во соработка со Министерството за здравство добивме два нови апарати со кои се опреми Итната медицинска служба: ЕКГ-електрокардиографски апарат и дефибрилатор, донација од министерството, а се исклучително важни, неопходни за навремено згрижување и опслужување на итните случаи во општината.
На наше големо задоволство во средината на 2019 година од надлежното министерство за здравство добивме донација и на комплетно опремено, ново санитетско возило, во вредност од околу 1.800.000 денари, со најсовремени медицински помагала, и придружна опрема и апарати за потребите за давање на услуги на пациентите и може да се пофалиме дека располагаме со најсовремен возен парк досега , бидејќи имаме вкуно 4 санитетски возила, три теренски возила со кои можеме да пристапиме и во најоддалечените рурални и планински средини на подрачјето на општините Крива Плаанка и Ранковце кои ги опслужува нашата здравствена инсититуција, бидејќи нашата општина е лоцирана на ридско-планинсти реон, со села распослани во поодалечени планински места, и повеќе од 20 и до 30-тина километри од градот, рече Стаменковски.
Каква е кадровската екипираност, се вложува ли во човечки ресурси, лекари, специјалисти…?
-Во нашата инситуција покрај другите служби, благодарение на доусовршувањето на специјалистите, доедукацијата за субспецијалист на еден колега, гастроентерохепатолог, имаме веќе вработен во установата кој ги опслужува пациентите во оваа област и работиме во координација со Министерството за набавка на апарат за реализација на гастроскопија. Во 2018 година ја продолживме праксата на доусовршување, доедукација на кадрите, создавање и обука на нов специјалистички кадар со испраќање нови млади лекари на специјализација. Во 2018 беше одобрена специјализација за психијатрија и испратена е една колешка. Во 2019 година Министерството одобри специјализација за рентгенолог, а веќе годинава е одобрено и ќе оди на доедукација и гинеколог, со што плански размислуваме за обнова на специјалистичките кадри, за добро и непречено работење во здравствената инситуција, за да во претстојниот период не дојде до недостаток на специлистички кадар. Паралелно со тоа, од 2018 година во слоп на здравствениот дом, пациентите коиристат уште една дополнителна специјалистичка услуга. Секојдневно е достапна услугата на дефектолошка служба, логопед, можност која дотогаш граѓаните ја немаа, не беше достапна и беа принудени да бараат такви услуги, што значеше и дополнителни торшоци и проблеми за патувања во други општини од државата, во соседните градови или во Скопје. Што се однесува до вработувања и доекипирање, кадровски, во периодот од 2017-2020 во Здравстен дом „Димитар Арсов“ за нормално функционирање и соодветна услуга за населението, овозможено и реалзирана е согласност за нови 20-тина вработувања , од кои најголем дел се медицински кадар, а не администрација, како што било пракса во претходниот период. Вработивме и го решивме статусот на 20 лица: 6 нови млади општи лекари, 7 медицински сестри, двајца лаборанти, возач за итната служба и придужен медицински персонал. Она на што и Владата постојано работи, е подобрување на условите за работа и зголемување на платите за сите вработени, но и на медицискиот кадар, кој со зголемувањата од 25% вкупно на младите општи лекари и 35% на специјалистите и на медицинските сестри за 20% , се во прилог на подобрување на финансиската состојба на вработените во медицинскиот сектор и се чувствува и нивната подобрена состојба која се рефлектира и на подобрените пристап и љубезност кон пациентите и граѓаните воопшто, додава Стаменковски.
Што е планирано за 2020 година?
-Охрабрени од добрата финансиска состојба што успеавме да ја стабилизираме, во 2019 /20 веќе се работи на набавка на нови медицински апарати и доопремување на целата установа. Прво и многу важно што ни претстои набавката на нов ЕХО-томографски апарат со можност за извршување доплер-прегледи на крвните садови, апарат кој вреди околу 1.000.000 денари, дооопремување на медицинската апаратура во кабинетот за физикална медицина со нови апарати, бидејќи постојните се постари повеќе од 15-тина години, опрема која ќе чини околу 300.000 денари, доопремување на био-хемиската лабораторија со нови современи апарати за крвни анализи, инвестиција која ќе чини околу 500.000 денари. И не само тоа, во завршна фаза е и процедурата за обезбедување уште една донација во здравстевениот дом, повеќе од потребна, мамограф-уред за дијагностика на рак на дојка, бидејќи нашите пациентки мораат сега да патуваат за вакви услуги во соседните општини. Ова ќе допринесе за рана превенција и навремена дијагоностика на рако на дојка и ќе пружи услуга која им е исклучително потребна на сите наши сограѓанки, истакна директорот Стаменковски.
Во контекст на плановите за што подобра и поголема достапност до сите граѓани, директорот истакна дека се прават напори во консултација со Министерството за здравство, да се реализира отворање медицински пункт на Итната медицинска помош во општина Ранковце, каде засега има само примарна здравствена заштита што ја пружа само еден постоен матичен лекар, кој има работно врме само во текот на работната недела, но не и за викенд.
-Ваквиот пункт на итна помош ќе допринесе за подобри и навремени здравствени услуги за граѓаните од Ранковце, земајќи предвид дека на овој потег минува и магистралата А2 која тргнува од Деве Баир , граничен премин, кон Скопје, низ коридор 8. Согледувајќи ги потребите на граѓаните и согласно нашите заложби за достапност до сите граѓани, навремена и соодветна здравствена заштита, во нареден период се планира да се реализираат посети во селските амбуланти од страна на посебен медицински тим кој ќе биде од лекар и медицинска сестра, неколку пати неделно, особено во руралните и пооддалечени села, како Огут, Нерав, Луке, Герман, и други, соодветно на барањата и согласно расположливите кадри, вели Стаменковски.
Според Стаменковски, во текот на работата, секојдневно, во континуитет се согледуваат секојдневните потреби за осовременување на установата, посебно за болничките соби и пружање болнички услуги, се вршат набавки на материјали и ресурси за доопремување на одделенијата.