Проект за решавање на проблемот со паркирање и сообраќајниот метеж со акцент на централното градско подрачје и главната улица СВ. Јоаким Осоговски.
“Проектот ќе има за цел долгорочно да го реши настанатиот проблем со паркирање на главната улица на потегот од Полициската станица до влезот за возила кај Зелениот пазар. Овој проект ќе се базира на соодветна студија која ќе ја изработи релевантно професионално сообраќајно биро. Инженерите ќе имаат задача да обезбедат најсоодветен систем за тек на сообраќајот по главната улица и да го решат запирањето и задржувањето на возилата на точно одредени локации.
Потенцијални површини за поставување на монтажни платформи со капацитет од 20 возила по кат првенствено може да се уредат на три локации и тоа на сливот кај Дурачка и Крива Река, во непоредна близина на стариот градски пазар, потоа на улицата кај Меѓуопштинскиот центар за социјални работи и просторот пред градската автобуска станица и новиот трговски центар.
Овие монтажни паркинзи ќе го растеретат градскиот метеж, ќе ги ослободат пристапите кон стопанските објекти, угостителските објекти и домовите на нашите сограѓани, и ќе има дополнителен ефект со што ќе се вратат пешаците на тротоарите. Со ова дополнително ќе се зголеми безбедноста на пешаците и другите учесници во сообраќајот, ќе се олесни протокот на возила и ќе се унапреди сообраќајната култура.
Доколку ваквите монтажни гаражи се покажат како квалитетен проект кој го унапредува животот на граѓаните, ќе се разгледува можноста за изработка на сообраќаен проект и за другите населени места од градот односно во: Осичка маала, населба Маневци, населба Бавчал’к како и други населени места каде што паркирањето доведува до окупација на тротоарите и улиците.” – стои во соопштението од СДСМ Крива Паланка.