“Арсенчо Алексовски нема никакво право да обвинува други за нереални ветувања.
Тој и неговиот шеф, Груевски се врвни рекордери во лажни ветувања за време на избори.
Да го потсетиме градоначалникот во заминување дека токму тој, на само неколку дена пред гласањето за локалните избори 2013г, во емисијата “Јади бурек” тврдеше дека тогашната Влада пронашла инвеститор за кланицата во Крива Паланка, и според неговите зборови, истата требаше да започне со работа во мај 2013г и да вработи 80 до 100 луѓе.
Можеби Алексовски се збунил па наместо кланица која ќе вработува невработени лица, со помош на криманалната влада на партијата на која тој припаѓа, мислел на изборната кланица преку која тогаш ги “доби” изборите.
Но тоа веќе не поминува. На граѓаните на Крива Паланка се`им е јасно. Знаат дека Алексовски тогашното ветување го даде за да изманипулира дел од гласачите и преку пласираната лага се обиде да добие глас повеќе.
Тој имал од кого да учи, кога се во прашање давањето на лажни ветувања.
Имено, ако Алексовски за време на изборите 2013г излажа за рестартирањето на кланицата, наредната 2014г, која исто така беше изборна година, неговиот шеф Груевски на митинг во Крива Паланка го даде најголемото лажно ветување.
Груевски, тогаш ја замајуваше кривопаланечката јавност со тврдењето дека турската компанија Веибо-Груп во зоната во Ранковце ќе инвестирала 250 милиони долари во огромна фабрика, во која според тогашниот премиер, ќе се вработеле над 5000 лица. Груевски отиде до таму со лагите па убедуваше дека таму освен од Крива Паланка и Ранковце, ќе се ангажирале лица и од Кратово, Куманово, Штип и Пробиштип.
Граѓаните одамна не веруваат во лагите на Арсенчо Алексовски и неговиот “учител”, Никола Груевски.
Затоа на 15 Октомври ќе му ја испорачаат казната, а на локална власт ќе дојде нов тим на способни луѓе кои знаат да донесат реални инвестиции за нови и подобро платени работни места”, реагираат социјалдемократите од Крива Паланка.