Преку Програмата за рурален развој, која се спроведува од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, од буџетот на Република Северна Македонија, обезбедени се финансиски средства од околу 38 милиони евра, за реализација на 202 проекти во сите општини и плански региони Со овие средства директно ќе се овозможи подобрување на условите за живот во малите општини и руралните средини.
Вчера во Владата на Република Северна Македонија, вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски, доделија решенија од Програмата за рурален развој на дел од општините и планските региони.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, ги наведе клучните проекти кои ќе бидат реализирани во Крива Паланка, токму од овие средства:
1. Изградба на пат од с.Конопница до црквата,
2. Изградба на локален пат – с.Трново,
3. Изградба на локален пат – с. Голема Црцорија,
4. Реконструкција на стариот пат до манастирот Св.Јоаким Осоговски и
4. Уредување на градски пазар.
Градоначалникот Борјанчо Мицевски денес го доби решението со што постапките за јавни набавки можат да започнат, информираше вчера во владата министерот, Николовски.
Инаку, вистината е дека никогаш не се инвестирало повеќе во овој регион како сега. Од 1991 година до денес не се случило да се влејат толку финансиски средства во сферата на инфраструктурата во кривопаланечко. Сите досегашни влади најавуваа, ветуваа, најчесто пред секои избори, но ништо не се реализираше, а во секоја влада било десничарска (ВМРО-ДПМНЕ) или левичарска (СДСМ), имаше по некој висок претставник од Крива Паланка, но никој не се заложи, да заживеат овие проекти.
Но сега, сликата е сменета. Во моментот се работи на:
– Рехабилитација на државен пат делница Ранковце – Крива Паланка во должина од 21км, изведувач “Гранит”, вредност 2.6 милиони евра. Рокот за изведување на работите е 15 месеци.
– Реконструкција со рехабилитација – доградба на една лента на делница Крива Паланка – Деве Баир во должина од 13 км со вредност од 12 милиони евра. Рокот за завршување на градежните активности е 2 години.
– Изградба на експресен пат делница Ранковце – Крива Паланка во должина од 23 км со вкупно инвестирани финансиски средства во износ од 58 милиони евра.
Експресниот пат е поделен на две подделници и тоа:
– Првата од Ранковце (Страцин) до Длабочица во должина од 14 км, вредност 28 милиони евра со рок за изведување на работите од 30 месеци.
– Втората подделница од Длабочица до Крива Паланка во должина од 9 км и вкупна вредност од 30 милиони евра. Градежните работи се започнати на 23.03.2018 година и се очекува да бидат завршени за 36 месеци.
Во делот на планираните проекти е и рехабилитација на државниот пат А2, делница Куманово – Страцин и рехабилитација на Р2250 Спој А2-Луке-Киселица-Дубровница.
Сето ова се гледа и со голо око, на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка забрзано се работи, трасата е речиси целосно пробиена, на истиот патен правец но на постојниот пат веќе почна да се гребе асфалтот и ќе се поставува нов слој, така да ако се продолжи со ова темпо, за период од две до три години граѓаните од овој крај, целосно ќе ги почуствуваат благодетите од овие проекти.
Од Деве Баир, преку Крива Паланка до Скопје ќе се патува побезбедно и за многу пократок рок. Ќе се зголеми бројот на транспортери кои ќе го користат овој патен правец за превоз на стока со што ќе се зголеми и фреквенцијата на Граничниот премин Деве Баир. Воедно, бенефитот ќе биде огромен за сите граѓани и компании.