По само два дена од потврдата дека е позитивна на Ковод-19 денеска почина 35-годишната Магдалена Темелковска од Ресен. Таа се лекувала дома, а според она што го објави Центарот за јавно здравје Битола на 4 септември кога ѝ е потврден вирусот не дала податок дека имала контакт со претходно потврден случај на Ковод-19. Темелковска се лекувала дома, но во текот на ноќта нагло ѝ се влошила состојбата, па починала рано утрово. Зад себе остави две малолетни деца, пренесе Независен.
Веста ги шокираше ресенчани, особено што ова е втор случај во градот да почине млад човек од корона вирусот. Во јуни од компликации од вирусот прерано замина и Илчо Котевски на четириесетгодишна возраст.
Темелковска околу 20 август била на одмор во Струга со ваучерите од владата за развој на домашниот туризам, по престојот таму се вратила во Ресен и неколку дена подоцна ги почувствувала првите симптоми.
Во Ресен од почетокот на кризата до денес се регистрирани 147 позитивни на Ковид-19, оздравеле 142 пациенти, починаа 5 лица.