Членовите на градскиот оркестар „АЛЕГРО“ од Крива Паланка викендов се вратија со освoено прво место од Меѓународниот детски креативен фестивал „Зборуваме руски“ кој се одржа во Скопје. Најмладите кривопаланчани-виртуози на музичките инструменти пред публиката во Скопје се претставија со својата изведба под диригенската палка на професорката Лариса Жулина-Митовски, во конкуренција на млади музичари од повеќе градови во земјава. Бројната публика со големо внимание ја проследи изведбата на руската народна песна “Калинка – малинка”.
„Градскиот оркестар „Алегро“ се претстави во најдобро светло. Впрочем, затоа и работиме со учениците, затоа се трудиме наученото и сработеното да го презентираме пред публиката, која несомнено ужива во звуците од малите музички таленти од Крива Паланка.“ – вели професорката.
Бројната публика уживаше во изведбата на руската народна песна “Калинка – малинка”.
Пример за самодисциплина, мотивација за трудољубивост и безусловна посветеност! Жулина Митовски има верба во себе и во сопствените ученици, знаејќи дека без труд и посветеност талентот нема да се развие. И се разбира главна е љубовта.
„Без взаемна љубов со моите ученици, и без нашата заедничка љубов кон музиката нема резултати.“ – вели професорката.
Фестивалот се одржува во рамки на интеграцијата на Русија во светскиот културен процес и зајакнување на нејзината руската позици надвор од границите на Русија во услови кога е неопходно зачувување на националниот културен идентитет во време на глобализација.