Градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков денеска одржа прес конференција за медиумите на која акцент даде на превземањето на функцијата и состојбата со долговите на општина Гевгелија кои ги наследи од својот претходник.
– „На 25 октомври- денот кога ја презедов функцијата градоначалник- долгот на општина Гевгелија изнесуваше 4 милиони евра, а на сметката имаше само 550.000 денари. Општината во овој момент должи 125.567.000 денари кон приватните фирми, а очекуваме да пристигнат и нови фактури. По основ на кредитни задолжувања општината должи 2 милиони евра. Општината должи и над 3 и пол милиони денари и кон спортските клубови, културните друштва и здруженијата на граѓани на име одобрени средства за програмите од 2017 година. Деновиве падна и првата тужба од кошаркар од Кошаркарскиот клуб Кожуф за неисплатени обврски за минатата сезона.
Сево ова зборува колку е ситуацијата сериозна и алармантна.
Да објаснам посликовито: општина Гевгелија должи два годишни основни буџети!
Поради сево ова, општината ќе мора да заземе поинаков начин на управување со парите на граѓаните. Од сега па натаму ќе мора да се работи домаќински и одговорно затоа што ќе мора да го санираме долгот, но и да го одржиме тековното работење и да создадеме проекти и решенија кои ќе го подобрат животот на граѓаните.“
Градоначалникот Поцков на своите сограѓани им порача дека „Ќе работиме посветено и решително за да овозможиме подобар и подостоинствен живот за сите во Гевгелија. Со денешниот прес сакаме да го отпочнеме процесот на обезбедување целосна транспарентност на работење на локалната власт како во однос на сегашното работење така и во однос на минатото работење.“