Утрово во црквата Св. Димитриј во општина Крива Паланка се одржа света божествена литургија со која чиноначалствуваше владиката Кумановско-Осоговски, г.Стефан, а веднаш по литургијата свештенството од кривопаланечкото архиерејско намесништво и владиката ја одржаа панихидата во чест на Јоаким Крчовски во дворот на градската црква.
Панихидта е во чест на првиот преродбеник, книжевник и духовник Јоаким Крчовски, на гробот каде од денес се положени неговите мошти.
На овој голем празник, дeнот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, присуствуваа голем број верници и лица од јавниот живот во градот, оддавајќи им почит на игуменот Јоаким Крчовски и ктиторот на црквата Давид Јоакимович, чиишто мошти чувани во храмот Св.Димитриј се положени во гробот во предворјето на црквата.
Јоаким Крчовски игуменот од храмот и преродбеник, живеел и дејствувал од 1750 до 1820 година.
Ереј Давид Јоакимович кој бил ктиторот на црквата е роден 1780, а се упокоил во летото господово 1844.
Воедно, во чест на денот на просветителството и 205 години од издавањето на првата книга на преродбеникот од овој крај вчера беше одрѓана свечена академија на која се говореше за ликот и делото на Јоким Крчовски. Исто така, се одржа и промоција на книгата “Јоаким Крчовски во народната и духовна традиција” чиј автор е проф д-р Јордан Михајловски.
Во чест на Јоаким Крчовски покрај ова беше откриена и спомен-биста со неговиот лик која е поставена во дворот на училиштето ОУ “Јоаким Крчовски”, кое го носи неговото име и бележи 71 година од своето постоење.
Свечената академија беше во организација на локалната самоуправа на општина Крива Паланка, локалната установа Градски музеј и МПЦ, Кумановско-Осоговската епархија.