Како спомен за пожртвуваноста и љубовта кон својата земја, денес кога се навршуваат четири години од смртта на македонскиот бранител Горан Стојмановиќ беше поставен споменик во паркот во населеното место Инџиково.
Од страна на општина Гази Баба беше извршена целосна обнова на паркот, заменета е целосно урбаната опрема, а извршено е ново холтикултурно и партерно уредување, за да биде вистинско место какво што доликува за еден наш херој.
Градоначалникот Георгиевски во своето обраќање истакна дека во консултации со семејството ќе предложи овој парк да го носи името на нашиот херој Горан Стојмановиќ.
Почит кон бранителот Стојмановиќ положувајќи свежо цвеќе изрази градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, припадници на Единицата за специјални намени Тигар, припадници на полициските единици, членови на семејството и жителите на месната заедница Питу Гули.