Заради постоење основано сомнение дека го сториле кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“, адвокатот Жарко Стеваноски против тројца вработени во Општина Прилеп поднесе кривична пријава до МВР СВР Битола и до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, објавува Публикум.
10без10 Прилеп 25 Октомври 2017 2412 1
Уште една кривична пријава против лица вработени во Општина Прилеп – Opshtina Prilep
Пријавата е поднесена против М.Р, градоначалник на Општина Прилеп, И.К. раководител на Сектор за урбанизам, И.Ч. раководител на Одделение за урбанизам, како и против В.Ј. Државен правобранител за подрачје на Прилеп. Кривичната пријава се однесува и на други службени лица вработени во Општина Прилеп, како членови на комисија за утврдување на фактичка состојба на лице место во постапка за отуѓување на градежно земјиште.
Пријавените се сомничат дека го сториле кривичното дело „Злоупотреба на службената должност и овластување, затоа што во текот на 2012 година врз основа на претходна објава за отуѓување на градежно земјиште сопственост на РМ по пат на електронско јавно наддавање, навеле невистинити податоци за намената на земјиштето, па наместо градежно изградено, навеле дека станува збор за градежно неизградено земјиште. По таа основа, градоначалникот М.Р со купувачот О.Р. склучил договор за отуѓување на градежно земјиште, иако претходно не прибавил писмена согласност од Државниот правобранител на РМ за подрачјето на Прилеп. Подоцна, со пресуда на Основниот суд Прилеп договорот бил раскинат, со што на О.Р. му била предизвикана штета од 889.260,00 денари, средства кои О.Р. ги исплатил на име купопродажна цена за предметното земјиште а кои до денес не му се вратени.
Според подносителот на кривичната пријава Жарко Стеваноски, истата е поднесена и затоа што постојат основи за сомневање дека во текот на 2012/2013 година, пријавените на идентичен начин склучувале договори за отуѓување на градежно земјиште сопственост на РМ и со други лица. Иако В.Ј. како Државен правобранител, од страна на оштетениот била навремено информирана и знаела дека без нејзина согласност останатите пријавени отуѓуваат имот сопственост на РМ, не презела мерки да го заштити имотот.
„Заради целосно и точно утврдување на фактичката состојба за начинот на кој локалната власт располагала со земјиштето сопственост на РМ на територијата на Општина Прилеп, ќе биде неопходно новата локална власт да изврши ревизија на сите постапки за отуѓување на градежно (не)изградено земјиште сопственост на државата особено во изминатите 7 години“. – вели Стеваноски.
Стеваноски посочува за постоење индиции според кои електронскиот систем за продажба и давање под закуп на деловен простор со електронско јавно наддавање, кој функционира во склоп на Министерството за транспорт и врски, во изминатите неколку години бил злоупотребуван во постапките за продажба на деловен простор во Прилеп.
„Заради тоа, потребно е да се изврши ревизија на постапките за продажба и давање под закуп на деловен простор на подрачјето на Општина Прилеп, во поглед на функционалноста на софтверот и негова манипулација во постапките за продажба на деловен простор. На ваквиот заклучок упатува вештачењето на системот за електронско јавно наддавање извршено од страна на Бирото за судски вештачења во текот на 2015 година, кое утврдило нефункционалност на системот и можност за манипулации од страна на одговорни лица задолжени за негово одржување“. – напоменува адвокатот Стеваноски.
Ова е втора пријава во рок од два дена за лица вработени во Општина Прилеп, откако вчера кривична пријава против четворица вработени во прилепската локална самоуправа поднесе и Полициската станица Прилеп.