Министерот за здравство Венко Филипче, во придружба на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, на денешната посета на здравствениот дом изјави дека постапката за набавка на мамограф се планира да започне во следните неколку недели, по што оваа услуга ќе биде достапна на сите жени од кривопаланечкиот регион.
Филипче оствари средба со директорот на здравствен дом “Димитар Арсов”, Бранко Стаменковски, како и со стручниот кадар, лекари специјалисти и со дел од вработените, со кои разговараше за потребите и можностите за унапредување на работата на домот и услугите кои се нудат на пациентите.
“Имавме конструктивни разговори денес, како и претходно. Во изминатиот период набавивме нов ЕКГ и ренген апарат и за само два месеци услуги за ренген снимање се пружени на околу 1300 пациенти, што е особено значајно. Денес разговараме и за тоа како дополнително да ја унапредиме работата на болницата. Веќе во следните неколку недели ќе започне постапката за набавка на мамограф, по што оваа услуга ќе им биде достапна на жените од овој регион, а исто така ќе започнат и постапките за потребите од набавка на ново санитетско возило за транспорт на пациенти и за тоа колку доктори ќе бидат вратени со новата мерка од измените на Законот за здравствена заштита”, изјави министерот Филипче.
Воедно, тој потенцираше и дека новите мерки согласно измените на Законот за здравствена заштита предвидуваат сите млади лекари кои ќе го завршат стажот на лекарската комора и ќе се стекнат со лиценца, ќе бидат примени на работа.
“Сите млади лекари кои ќе го завршат стажот на лекарската комора и ќе се стекнат со лиценца, по автоматизам ќе бидат примени на работа, и тоа ќе биде платена позиција во износ на просечната нето плата во нашата земја. Овие млади лекари, согласно законските измени, ќе бидат вработени во службата на итна медицинска помош, во националните пунктови и во патронажните сервиси. Непосредно по вработување на овие млади лекари ќе се реализира и патронажната служба во селата, така што здравствени услуги ќе добијат и жителите на руралните средини”, потенцираше министерот Филипче.
Министерот за здравство, категорично ги демантираше гласините во периодот на предизборната кампања дека овој здравствен дом ќе се приватизира. Имено, како контра аргумент тој ги потенцираше неколкуте веќе одобрени специјализации за лекарите од здравствениот дом “Димитар Арсов”, а нови специјализации се очекува да бидат одобрени веќе во Септември годинава. Овие специјализации се дополнителна помош во афирмирање и унапредување на работата на Здравствениот домот во Крива Паланка.