Кандидатот за градоначалник на СДСМ и коалицијата, Борјанчо Мицевски синоќа беше на средби со граѓаните на улица Ристена Гогова.
Говореше за бројни капитални и важни објекти за градот и општината. Покрај петте капитални проекти, гасификација, изградба на покриен зелен пазар, подземен паркинг, сообраќајници и големи инвестиции во инфраструктурата , Мицевски зборуваше и за поврзување на Крива Паланка со хидро систем Злетовица преку Лисец, поврзување на градот со Македонска Каменица преку Тораница, асфалтирање на патните правци село Крстов Дол до село Голеш, Република Србија и село Огут до Трговиште, Република Србија и многу други проекти. Пред присутните тој информираше и за средбите кои ги имал со раководните тимови на компаниите во градот.
-„ Со бизнис заедницата договоривме бројни активности за инвестирање во мали погони, кои ќе бидат пред се од производствен карактер, од локалните ресурси со кои располага општината, со тоа ќе се овозможи отворање на нови работни места за младите и нивно задржување во земјата. Исто така разговаравме и за нивна дополнителна стимулација за развој на спортот во нашиот град, кошарка, фудбал, ракомет, пинг понг и слично. Тие како општествено одговорни компании се согласија да финансираат дел од овие клубови, зашто е недозволиво Крива Паланка да нема спортски клуб кој ќе биде репрезент на градот а од друга страна со тоа ќе се овозможи да се развива спортот во градот“, потенцира Мицевски.
Свое обраќање пред присутните имаше и носителот на советничката листа Изабела Павловска која рече дека како досегашен советник многу добро ги знае проблемите на жителите од сите населби и села во општината. Според неа сите активности изминатиов период се правеле селективно а предност имале само оние кои биле блиски и истомисленици на актуелната локална власт.
– „ Недозволиво е во 21 век да нема улично осветлување, недозволиво е да имаме неасфалтирани улици и патишта, недозволиво е во ова време да нема изградени водоводи и канализациони системи, кога секој од нас уредно плаќа даноци на општината. Општината е институција која треба да биде сервис за сите граѓани, но нашите политички опоненти направија огромен раздор меѓу луѓето, не поделија на наши и ваши, а постојано не обвинуваат ќе сме останале без држава“ , рече Павловска.
Според неа, Македонија е земја на сите граѓани, на сите жители на Крива Паланка и дека секој од нас ја сака својата земја во која се родил, расте и живее. Негативната кампања, рече Павловска е само резултат на нивната слабост и соочување со реалноста дека на 15 октомври ќе следува нивниот катастрофален пораз кој ќе го добијат и на локално ниво.