Мицевски бара извинување од порталот СЕВЕРОИСТОК за објавени лаги и невистини

Кандидатот за градоначалник на СДСМ за општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски од порталот СЕВЕРОИСТОК бара јавно извинување во врска со изнесените лаги и невистини во вчерашниот прилог под наслов „Општина Крива Паланка и МВР поднесоа кривична пријава кон градежна фирма најмена од Борјанчо Мицевски“

Еве што пишува во барањето:

Почитувани,

Дописов го испраќам како барање за демант до редакцијата на порталот severoistok.mk, со барање за да го објават во целост повикувајќи се на правото на исправка и одговор загарантирано според Уставот на Република Македонија и на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, како и во форма на жалба до Советот за етика во медиумите на Република Македонија, со молба Комисијата за жалби од професионален аспект да ја оцени постапката на авторот („новинарот“?), уредникот, како и медиумот во целина.

Во својство на оштетен и според законот и според правилата на новинарска саморегулација, барам порталот severoistok.mk,  да го објави следниот демант во целост, на исто место каде што беше објавен написот на кој тој се однесува, заедно со посебен напис за исправка и извинување, со внесување на исправките и линкови кон демантот, исправката  и извинувањето во оригиналниот клеветнички напис:

Демант на лагите во написот „Општина Крива Паланка и МВР поднесоа кривична пријава кон градежна фирма најмена од Борјанчо Мицевски“ со барање за исправка и извинување

 Имено на 04.10.2017год. на порталот severoistok.mk има објавено клеветничкиот и навредлив напис „Општина Крива Паланка и МВР поднесоа кривична пријава кон градежна фирма најмена од Борјанчо Мицевски“ во кој се изнесени низа невистини, ноторни лаги и обиди за дисквалификација, а со цел да се наруши личниот углед и авторитет на кандидатот за градоначалник на СДСМ и коалицијата, Борјанчо Мицевски за Локалните избори 2017 година.

Клеветничкиот напис е поставен на порталот на веб-адресата http://severoistok.mk/2017/10/04/opshtina-kriva-palanka-i-mvr-podneseoa-krivichna-prijava-kon-gradezhna-firma-najmena-od-borjancho-mitsevski-2/  и е достапен преку  рубриката „Вести“.

Со написот се прекршени член 1, 5, 10, 11, 15 и 16 на Кодексот на новинарите на Македонија. http://semm.mk/pravna-ramka/kodeks

Во написот се изнесува лажно тврдење дека јас, Борјанчо Мицевски сум ја рекетирал фирмата Борос или сум поврзан со неа на било каков начин. Остро ги демантирам информациите изнесени на порталот, или уште повеќе дека истата ја користам за кршење на изборниот закон. Одговорно тврдам дека ниту сум стапил во контакт со оваа фирма, ниту го познавам сопственикот или било кој од вработените бо оваа фирма, а уште помалку дека сум ги најмил да расчистуваат земјени патишта во руралните средини во Крива Паланка.

Лага е и тоа дека на своја рака сум преземал и сум наредил на инспектори да направат вонреден инспекциски надзор во Општина Крива Паланка и со тоа сум ја злоупотребил функцијата в.д. Директор и институцијата со која раководам „Државен инспекторат за градежништво и урбанизам“. Одговорно тврдам дека инспекцискиот надзор е направен  на барање на Основното Јавно Обвинителство Куманово и Секторот за Внатрешни Работи  Куманово, а доказите ќе ги доставам во доказната постапка пред правосудните органи.

Како личност но и политичка партија бараме од порталот, да упати јавно извинување до кандидатот и коалицијата на СДСМ за овие локални избори во рок од 24 часа.

Во спротивно ќе бидеме приморани да поднесеме тужба до правниот субјект но и до одговорниот уредник на порталот  severoistok.mk за клевета, навреда, изнесување на невистини и новинарска непрофесионалност.

Борјанчо Мицевски
Кандидат за градоначалник на СДСМ и коалиционите
партнери за Локалните избори 2017 година

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e