Со директорот на ЈП Комуналец од Крива Паланка, Миле Марковски, во интервју за Ипортал разговараме за проблемите со кои тој се соочи при самото стапување на функцијата, како и за сето она што е постигнато во изминативе 2.5 години откако е на чело на ова претпријатие.
– На почетокот на 2020 година јавното претпријатие „Комуналец“ од Крива Паланка може да се пофали со обновен, зголемен и осовременет возен парк, кој за жал, во 2017 ,ноември, кога стапив на функцијата директор на „Комуналец“, беше во очајна состојба. Возниот парк беше во многу лоша состојба, со дотраени, амортизирани возила за смет, стари над 20 години, а и постојано трпевме загуби и трошоци за нивно одржување, поради честите дефекти. Кога дојдов во претпријатието, имаше денови кога се работеше само со две дотраени возила кои го опслужуваа целиот град, а исто така имаше и едно возило МАН кое поради неисправен мотор не беше во функција и речиси една година не се користеше.
По неколку месеци од стапување на функцијата, набавен беше нов мотор и ова возило беше оспособено и до денес е во исправна состојба и се употребува. Она што е многу важно е што во 2019 година се набавени 3 специјални возила за смет: едно ново возило во вредност од 4.140.000 денари и едно половно од 1.100.000 денари и тоа од сопствени буџетски средства. Ново специјално возило од 3.702.000 денари е обезбедено со донација од Јапонска амбасада, а исто така е добиен еден скип, мулитфункционално возило , од Владата на РСМ, преку министерство за финансии, кое е наменето за три општини: Крива Палнака, Кратово и Ранковце. Покрај тоа, набавено е и едно комбе, од општината и е доделено на ЈП „Комуналец“, изјави Марковски.
Во моментот ЈП Комуналец располага со шест возила за смет, од кои три нови, и секојдневно се врши собирање на смет согласно распоредот во ноќните часови и дополнително, преку ден се чисти на сите тесни улици, потешко пристапни, каде повторно се депонира смет во тек на денот.
– Исто така нашите екипи навремено го острануваат и содветно го депонираат и градежниот шут и смет кој во голема мера го одлагаат граѓаните, така што особено е подобрена чистотата во градот. Во овие две и пол години ЈП Комуналец изврши набавка на 40 метални контејнери, а во тек е распишување нов тендер за набавка само годинава, на 40 пластични контејнери, кои ќе бидат распоредени низ градскиот реон, за што, се надевам граѓаните ќе водат сметка каков смет ќе фрлаат во нив, со напомена, да се внимава најмногу да не се фрлаат запалени или лесно запалливи материи, бидејќи со самото уништување не се прави штета на ЈП Комуналец, туку на самиот град и граѓаните кои живеат тука, рече Марковски.
Во каква состојба го затекнавте претпријатието, каква беше финансиската сметка, а како е денес?
– Во 2017 кога дојдов на функцијата претпријатието имаше долг околу 11.000.000 денари и за само една година, истиот беше намален за околу 5.000.000 денари, со домаќинско работење, а со таа заштеда ги купивме и горенаведените возила. Исто така, по долгогодишно барање на граѓаните за изградба на градска капела, во 2019 година официјално отпочна и се заврши изградбата на капелата, која е веќе во функција. Капелата се наоѓа на локалитетот на новите градски гробишта, во село Конопница, истата е изградена со сопствени средства од околу 1.162.000 денари. Исто така, изработен е проект од страна на општината за рехабилитација, реконструкција и доасфалтирање на патот кој води до новите градски гробишта, со предвидени паркинг места, а проектот веќе е аплициран за финансирање, изјави Марковски.
Што тоа што го оценувате како позитивен напредок во работењето?
-Воведена е поголема дисциплина во работењето по однос на евиденција и контрола на располагање со материјали/средства во сопственост на претпријатието, ресурси кои се користат во секојдневното работење, за што во минатото поради неорганизираност и недоволна евиденција, ЈП Комуналец постојано се соочувал со загуби во смисла на немање евиденција на тоа каде и колку материјал е употребен и каде истиот завршувал. На последната седница на УО на претпријатието првпат е констатирана состојба нула, нема недостаток , не фалат ресурси, нема неконтролирани загуби ниту дополнителни оптоварувања на работењето и за се што е сработено со наши материјали, има точна евиденција, количина, колку е влезено, и што е потрошено/употребено од претпријатието, потенцира Марковски.
Каков е процентот на наплата на сметки и услуги?
-Процентот на наплата на средства од вода и ѓубрарина, во континуитет е на исто ниво, околу 80% проценти на наплата, со тоа што и овие две години постојано се опоменуваат фирми и граѓани со заостанати долгови, да пристапат кон наплата, им излегуваме во пресрет да ги отплаќаат долговите на рати, без камати, имајќи предвид дека некои од нив се во незавидна финансиска состојба, секогаш имаме разбирање, согласно можностите на граѓаните како најдобро да ги подмират обврските кон ЈП „Комуналец“. Бидејќи претпријатието функционира со самофинансирање, буџетот се реализира од сопствени средства токму од наплата на услугите. Доколку се зголеми наплатата, секогаш парите кои ги имаме се инвестираат за подобрување на услугите кон крајните корисници, самите граѓани, додава Марковски.
За решавање на проблемот со водоснабдување, особено во руралните средини , ЈП Комуналец превзема на одржување и користење повеќе селски водоводи со што самите водоводи се ревидираат, се решаваат дефектите на истите.
– Замената на азбестно-цементни цевки беше голем проект кој го релзиираше општината, а ЈП Комуналец со сопствени средства работеше на дополнително приклучување на населението на истата, нова мрежа ,кадешто лани, 2019, ул.8 Октомври е целосно завршено приклучување,како и дел од Осичка маала, а годинава продолжува и во останати населби. Истовремено, на локалитетот на дел од ул.Херој Карпош, каде што има калдрма и непристапен терен, ЈП Комуналец инвестираше во комплетна преработка на мрежата, замена на азбестно-цементните цевки, бидејќи изведувачот не беше во можност на овој непристапен терен да реалзира активности. За ова беа вложени буџетски средства од Комуналец. Исто така и на постојните мостови на Крива Река, Осички мост и мостот кај градски парк, кај ООУ„Јоаким Крчовски“ се сменети старите цевки кои беа со помал профил и поставени се нови, поголеми, полиетиленски цевки, рече Марковски.
Марковски потенцира дека она на што е работено во 2019 е исто така, подобрување на воодоснабдувањето на жителите на Домачки дол, а направени се повеќе зафати за намалување на загубите на вода од Калин Камен.
-Работевме и работиме на подобрување на условите за водоснабдување на жителите на оваа населба, каде имаше повеќегодишен проблем, намален е притисокот на водата. Имаше проект изработен од страна на опшината, со пресметки, за изградба на нов резервоар, но во консултација со вработените од секторот водовод и канализација, со стручни консултации, го оспособивме, вложивме во постојниот резервоар кој е изграден пред 10 години и не беше во функција. Веќе се врши дополнителна санација на истиот и пробно се оспособува, со поставена околу 200 метри мрежа, за да веќе биде ставен во функција за жителите на населбата Домачки дол и дел од Осичка маала. Во изминатите години, 2018/2019 се вршеше санација на зафати и собирни шахти во Калин Камен, каде 10-15 години воопшто ништо не било превземено, за да се избегнат загуби на вода, да се зафати водата која се губеше попатно, со што во 2018 за 5 литри е зголемен дотурот на вода во секунда, а во 2019 дополнителни 2 литри во секунда на водата која доаѓа од Калин Камен, со што во изминатите две години многу малку се користеа градските пумпи како дополнителен дотур на вода за водоснабдување во Крива Паланка. Во 2020 е направен план за да од март-април до доцна есен се извршат проверки и зафати/реконструкција на сите места каде може да се усмери водата во градскиот резервоар. Освен овие извори, беа преработувани и зафатите во село Конпница каде населението во летниот период се соочува со недостиг од вода за пиење, а овој водовод е превземен од месното население и при преработката се заменети 400 метри црево, за да се подобри услугата на водоводната мрежа, рече Марковски.
Според директорот на ЈП „Комуналец“, она на што се особено горди е и големиот проект за замена и инсталација на мерни инструменти и нивна интеграција во мобилна мрежа за далечинско отчитување, со комплетна конфигурација, надградба и инсталација за отчитување. ЈП „Комуналец“ ќе ги демонтира старите водомери и ќе се монтираат новите водомери, со што ќе се овозможи прецизно мерење на испорачана вода и ќе се детектираат загуби на вода или дефекти во мрежата, како и нелегални проклучоци. Овој проект ќе биде финансиран од Минстерството за транспорт и врски, околу 500.000. евра инвестиција и се очекува годинава да се реализира.
-За решавање на проблемот со одведување на урбани отпадни води во изминатиот период исто така се води сметка и дел од населението од ул.8Октомври, населбите Бојанов дол, селата Конопница, Длабочица и Мождивњак, се приклучени на новоизградените канализациони мрежи. Во селото Луке беше изграден и примарен водовод, а во тек е изработка на секундарна мрежа, со што жителите на Луке, вкупно околу 60 домаќинства, ќе добијат водовод. Што се однесува на секторот паркови и зеленило, каде се работи исто така интензивно, а само во 2019 година се подигнати нови зелени површини на следните локации: Осичка маала, косина на ул„Ратко Минев“ и косина кај стар Пролетер, вкупно околу 2113 метри квадратни нови озеленети површини, додава Марковски.
За крај на интервјуто, Марковски посочи и дека во сопствените фолии на ЈП Комуналец овој сектор работи на одгледување на околу 20.000 корени цвеќе секоја година кои се засадуваат на сите цветни форми и јавни паркови и зелени површини, покрај градскиот кеј, ролерско-велосипедска патека и други локации, а само 2020 година ќе бидат подигнати нови над 5.000 метри квадратни зелени јавни површини на локациите кај Торанечка зграда во Осичка маала, косина кај Треска, кај спортските терени, над новиот мост на Дурачка река, во речното корито на повеќе локации.