Прв пат по 50 години, ќе се асфалтира локалниот пат што ги поврзува скопските села Виниче и Страчинци. Средствата во вредност од 15 милиони денари се обезбедени преку Програмата за рурален развој.
Како што изјавија министерот за земјоделство, шумaрство и водостопанство, Трајан Димковски и директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски, патот е долг два километра, а се очекува да биде завршен и пуштен во употреба за 10 месеци.
Според Бабовски, Виниче е едно од најубавите на Скопска Црна Гора и овде доаѓаат многу посетители, особено во летниот период.
-Патот кој се асфалтира преку мерките од Програмата за рурален развој, ќе придонесе за поголема мобилност на жителите на соседните села, како и за зголемување на бројот на посетители кои доаѓаат да се рекреираат и релаксираат. Особено е посетена црквата „Св. Илија“, рече Бабовски.
Додаде и дека Општина Гази Баба до Платежната агенција има доставено три проекти и сите три се одобрени во вкупна вредност од 33,4 милиони денари.
-Тоа е грант кој во целост ќе ги покрие трошоците. Единствено општината треба да го плати ДДВ -то. Преку реализација на овие проекти докажуваме дека посветуваме посебно внимание на малите населени места во руралните средини и на рамномерниот развој, објасни Бабовски.
Градоначалникот Борис Георгиевски дополни дека Општина Гази Баба има аплицирано за три проекти преку мерките 321, 322 и 323 кои се наменети за капитални инвестиции за развој на руралните средини. Сите три проекти се однесуваат на изградба и реконструкција на патишта: реконструкција и проширување на регионален пат од Бутел до Раштак, во должина од 5 километри, изградба на патна делница до еден километар од ООУ „Наум Охридски“ до викенд населба во село Булачани и изградба и реконструкција на локален пат во н.м Виниче до н.м. Страчинци.
-За трите мерки од Програмата за рурален развој пристигнаа над 200 барања со подготвени капитални проекти од сите 80 општини и осум плански региони, за чијареализација Владата одобри 38 милиони евра преку Програмата за рурален развој. Со сите планирани проекти за капитални инвестиции значително ќе ги подобриме инфраструктурните услови во скоро сите рурални средини од 80 општини, на целата територија, нагласи министерот Димковски.