Денеска во кривопланечкиот Здравствен дом Д-р Димитар Арсов, локални бизнисмени од Крива Паланка донираа 5 апарати за концентриран кислород со што се олеснува дишењето на пациентите и со кои апарати се дава кислородна поддршка на евентуално заболените од Коронавирусот.
На овој начин болницата во Крива Паланка добива нови, современи апарати за давање на вештачи кислород кои ги заменуваат старите челично алуминиумски боци кои досега се полнеа по секое нивно празнење. Новите апарати имаат посебен начин на работа со тоа што го користат воздухот од околината и од околу 21% вообичаена количина на кислород во воздухот го конвертираат во 95 процентен кислород кој потоа преку маска му се вбризгува на организмот. Апаратите исто така имаат два излеза што значи дека еден апарат може истовремено да опслужи два пациента или во ист момент на 10 пациенти да им се даде кислородна поддршка доколку биде потребна.
Во соработка со локални бизнисмени и Министерството за здравство обезбедени се пет апарати, концентратор на кислород кои што се адекватни, соодветни за заштита на нашата установа, со која што ќе се овозможи на евентуално заболени лица со корона да се даде кислородна поддршка и да може да бидат згрижени на соодветен начин, вели директорот на здравствениот дом Д-р Бранко Стаменковски.
Во склоп на болницата има опремено посебно одделение на површина од 300м2, одделено од останатите простории, со посебен влез и капацитет од 15 легла за евентуално заболените, опремени со потребни пропратни пунктови за складирање на лекови, храна, вода, медицински материјал и се она што е потребно за давање на соодветна здравствена услуга.
Како што информира директорот, болницата располага со соодветен медицински кадар кој тесно соработува и со локалните медицински лица од Институтот за јавно здравје Куманово.
Директорот упати и апел до граѓаните дека нема простор за загриженост со оглед на тоа дека болницата има доволен капацитет, опрема и медицински персонал за соодветно здравствениот дом да одговори на потребите на населението на Крива Паланка.