Рехабилитацијата на последната делница од магистралниот пат Гостивар – Кичево од наплатната станица Гостивар до Здуњски мост ќе биде готова до крајот на ноември, најави денеска Зоран Китанов, директор на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
– Работата на оваа делница со должина од 4,6 километри е последната градежна активност на магистралата. Ова е последниот од деветте патишта опфатени со последната транша на ЈПДП за оваа година која опфаќа над сто километри, рече Китанов, при увидот на градежните работи на терен.
Тој упати апел до граѓаните да покажат трпеливост и разбирање, бидејќи наредниве денови ќе почне асфлитирањето на оваа делница и десетина денови сообраќајот ќе биде пренасочен. Ваквото решение, вели Китанов е најдобро, заради квалитетно поставување на асфалтниот слој во ширина од осум метри. За рехабилитација на 4,6 километри, предвидено е да се потрошат 32 милиони денари.
Започната е и акција за чистење на вегетацијата и кастрење на дрвјата покрај автопатот од Скопје до Гостивар и собирање на отпадоците.