Во изложбениот простор на Националната установа Центар за култура Крива Паланка денеска беше отворена изложбата на дела од членовите на ликовното студио кое функционира во рамки на установата.
Членовите на ликовното студио кое постои девет години работеа под менторство на познатиот академски сликар од Крива Паланка, Роберт Цветковски. Делата од членовите на ликовното студио ќе бидат изложени пред јавноста во следните две седмици.
– Со мало задоцнување поради пандемијата со Ковид-19, годишната изложба на членовите на ликовното студио е отворена денес, наместо досегашната пракса нивните дела да бидат претставени пред јавноста во јуни. Изложбата содржи над седумдесет слики, скици, цртежи, работени во различни сликарски техники во изминатите 12 месеци. Благодарност до нашиот соработник, координаторот на ликовното студио, Цветковски, кој ги менторира вљубениците во сликарството во текот на целата година,а во услови на пандемија, работеше и онлајн, за да денес ги имаме пред очите на јавноста прекрасните, квалитетни изработки од младите таленти, изјави директорката на НУЦК Крива Паланка, Мира Ѓоргиевска.
Изложбата беше организирана согласно сите мерки и протоколи за заштита од Ковид-19, а на влезот на галеријата на сите посетители им беше мерена телесна температура.