Над 400 македонски граѓани чекаат евакуација од Блискиот Исток поради ескалацијата на воениот конфликт меѓу САД, Израел и Иран, соопштија од Министерството за надворшени работи.
Од таму додаваат дека се изработува план за безбедно извлекување на македонските државјани од Иран, додека за оние кои се наоѓаат во Обединетите Арапски Емирати и Катар, во моментов не постојат безбедни услови за евакуација.
„Согласно податоците добиени од дипломатско-конзуларните претставништва, повеќе од 400 граѓани побарале информации за можноста за евакуација, а околу 30 лица изразиле подготвеност да ја напуштат земјата при прва можност“, велат од Министерството.
Од Министерството велат дека со сите пријавени лица се одржува редовна комуникација и се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција и нивно безбедно извлекување, зависно од развојот на состојбата на терен. Паралелно, дипломатско-конзуларните претставништва ги спроведуваат сите неопходни мерки за подготовка и организирана реализација на евентуалната евакуација, во координација со пријателски земји и меѓународни партнери.
Министерството останува достапно преку дежурниот телефон и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и повторно апелира сите државјани во регионот да ги почитуваат упатствата на локалните безбедносни служби.
Контакт телефони за помош:
СОС – МНР: 075/273-732
Амбасада во Доха: +974 50 173 111
Амбасада во Абу Даби: +971 56 441 7532
Амбасада во Тел Авив: +972 54 500 8566 и +972 54 967 0546
Стотици летови беа откажани денеска, продолжувајќи го хаосот во глобалниот воздушен сообраќај предизвикан од војната на САД и Израел против Иран, при што веќе се заглавени стотици илјади патници. Претседателот на САД Доналд Трамп најави дека воената акција би можела да трае со недели. Главните аеродроми на Блиски Исток, вклучувајќи го и Дубаи, најпрометниот меѓународен центар во светот, се затворени трет ден по ред, во најголемиот шок за воздухопловството откако пандемијата на ковид-19 ја парализираше индустријата. Летовите низ Блиски Исток се откажани, бидејќи меѓународните превозници продолжија да ги суспендираат своите услуги.
