Градоначалникот на Кр.Паланка изнесе фрапантни податоци за работењето на претходната локална власт

Градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски на прес конференција го обвини предходното раководство на локалната власт за сомнително и незаконско работење.

Мицевски најпрвин го обзнани долгот на општината кој изнесува приближно 55 милиони денари, со тенденција на секојдневно доспевање на нови и нови долгови. Во оваа сума не се опфатени долговите на ЈП Комуналец и другите јавни институции што се во нејзина надлежност.

-Ресурсите на општината се користеле за партиски цели, партиски обележја во службени простории, се злоупотребувале службените мобилни телефони. За сервисирање на службените возила, не се водела евиденција за тоа кое возило е сервисирано и кои делови се вградени, а при вградување на делови се пишувало непознато возило. Ова пак упатува на сомнеж дека можеби биле сервисирани и приватни возила, за што има индиции и се прибираат податоци и информации. Не се водела точна евиденција за материјалните средства и инвентарот. Во изборен период, се исплаќани дополнителни парични средства на сите вработени во општината, со одлуки и членови од закон кои се контрадикторни и во целост нелегитимни. Дел од вработените во општинската администрација учествувале во настаните на 27 април во Собранието на Р. Македонија, за што дополнително ќе бидат превземени соодветни мерки по добивањето на информации од истражните органи, нагласи Мицевски.

Во Општината подолг временски период дејствувала мини градежна единица со 12 вработени, на кои надоместокот варирал во зависност од добрата желба на претпоставениот.

Во ЈП Комуналец, покрај редовно вработените, биле ангажирани дури 61 лице кои добивале парични средства на сметкопотврда.

Тој исто така рече дека за време на одржување на разни манифестации, за потреби на општината било набавувано енормна количина на алкохолни и безалкохолни пијалоци и тоа по многу висока цена која достигнува и 100% над реалната. Од локален колонијал, Кока Кола од 0,5л се набавувала по цена од дури 70 денари, наспроти реалните 35, или Минерална вода од 0,5л наместо реални 15 до 20 денари, фактурирана е на 30 денари, потоа Пиво од 0,5л за 61,74 денари.

Според градоначалникот, вршен е притисок и мобинг кон вработени во речиси сите институции на локално ниво за присуство на партиски настани и митинзи, како и условување дека за да се стаса до работна позиција, мора да се земе партиска книшка и се стане член на ВМРО-ДПМНЕ.

-Ова се само дел од сериозните индиции за сомнително работење на предходната локална власт и институциите кои се под нејзини ингеренции. Затоа, најавувам дека ќе биде ангажирана независна ревизорска куќа која ќе има за задача да го провери работењето во општината, потенцира градоначалникот Мицевски.

Целата прес конференција на градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски може да ја погледнете на видеото:

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e