Градоначалникот Мицевски оствари работна средба со претставничката од UN Women, проект на UNDP, госпоѓа Христина Хаџи Василева во улога на ментор за родово одговорно буџeтирање и координаторот за еднакви можности на жените и мажите во општината, Лидија Митовска, со цел воведување на родово сензитивно планирање на буџетот на општината.
На состанокот присутните ги договорија понатамошните чекори во процесот на подготовка и креирање родово избалансиран буџет како дел од стратешките цели на Градоначалникот за транспарентно и отчетно управување со јавните финансии и креирање на општинскиот буџет согласно потребите на граѓаните.
Со проектот ќе се зајакнуваат капацитетите на општинската администрација и на Советот на Општина Крива Паланка за креирање родово одговорни политики и унапредување на родовата еднаквост. Се очекува реализација на обуки, работилници и менторска програма со специфични мерки и буџетски алокации за нејзино спроведување.
Родовото буџетирање претставува примена на родовата стратегија во буџетскиот процес. Тоа значи родово-ориентирана процена на буџетите, инкорпорирајќи ја родовата перспектива на сите нивоа од буџетскиот процес и преструктуирање на приходите и трошоците со цел да се промовира родова еднаквост.
Градоначалникот Мицевски истакна дека Локалната власт има клучна улога во намалување на нееднаквостите и промовирањето на вистинско еднакво општество. Доколку сакаме да изградиме заедница што се базира на еднаквост, многу е битно локалната власт целосно да ја земе во предвид половата димензија и да ја вметне во своите правила на управување, организација и практично работење. Во денешницата и во иднината, вистинската еднаквост помеѓу мажите и жените е исто така клучот за нашиот економски и социјален успех, не само на локално туку и национално ниво. Заедничка цел е, континуирано унапредување на статусот на жените и понатамошен развој и реализацијата на родовата рамноправност, потенцира Мицевски.