Во сабота, 21 декември, Форумот на жени на ОО СДСМ Крива Паланка спроведе хуманитарна акција со која на локалната организација на Црвен Крст им донираше облека, обувки и прекривки откако предходно во неколку дена граѓаните имаа можност да се приклучат и да соберат што повеќе пакети за реализација на оваа акција.

Вкупно се донирани 25 пакети со облека, обувки и прекривки. Пакетите се донирани во просториите на Црвен крст Крива Паланка каде претставничките на Форумот на жени на чело со координаторката Маја Костадиновска, беа примени од страна на претседателот на Црвен Крст Крива Паланка, Дарко Пешовски.

На средбата, координаторката Маја Костадиновска, истакна дека СДСМ, вклучително и Форумот на жени, се тука кога е најпотребно и дека сега е период во кој не смее да има граѓани кои немаат соодветна облека која ќе ги топли во овој зимски период и токму затоа се организираше оваа акција која ја покажа солидарноста на дело, вклучувајки други граѓани кои солидарно поделија дел од својата облека за да помогнат. Костадиновска порача и дека СДСМ е тука кога на граѓаните им е најпотребна помош и дека вакви и слични акции ќе продолжат да се спроведуваат и во иднина. Претседателот на Црвен Крст Крива Паланка, Дарко Пешовски, се заблагодари на убавиот гест и упати надеж дека соработката ќе продолжи и во наредниот период.
Форумот на жени при ОО СДСМ Крива Паланка, во следниот период планира да донира исти вакви пакети и во селските средини.
