Денеска, на граничниот премин Деве Баир кон соседна Бугарија, падна првиот снег.
До оваа година, секогаш со првиот снег, доаѓаше и најголемиот проблем – застој во сообраќајот и отежнато извршување на царинските формалности.
Поради неангажирање на надлежните институции, години наназад, шпедитерските фирми беа приморани самоиницијативно да се организираат и на свој трошок да ангажираат работни машини за чистење на снег. Имаше и такви случаеви кога од бугарската царина беа испраќани бугарски машини да го чистат снегот на македонска територија, што за нас како држава е голема брука.
Но, ако во последните 11 години, овој терминал во зимски услови воопшто не се чистеше од надлежните, односно од фирмите кои го добиваа тендерот за одржување, од оваа година најверојатно тоа ќе биде исклучок.
Новиот директор на ЈП Комуналец од Крива Паланка, Миле Марковски, денеска лично го посети граничниот терминал, а работната механизација на ова јавно претпријатие работеше на расчистување на снегот со што се овозможи непречен проток на товарните возила.
Граничниот премин Деве Баир е на надморска височина од близу 1200 метри, тука знае многу често снегот да стои подолг период и доколку не се чисти терминалот, да биде ставен вон употреба, но од јавното претпријатие кое го има добиено тендерот, и новиот директор сме информирани дека ќе го имаат во предвид овој проблем и секогаш ќе бидат на ниво на задачата, со единствена цел – непречено работење на граничниот премин.