Синоќа беа доделени признанија за најдобрите ученици и просветни работници во образовните институции во општина Крива Паланка. Годишните признанијата свечено им беа врачени на најзаслужните, односно најдобри ученици за учебната 2018-2019 година и најдобрите просветни работници од страна на градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.
Свечената академија се одржа во Центар за култура Крива Паланка а меѓу големиот број на присутни гости беше и амбасадорот на Словачка во Р.С Македонија, господинот Хенрик Маркуш кој претходно ја отвори и изложбата во галерискиот простор во Центарот за култура, насловена како По трагите на Св.Кирил и Методиј. На изложбата присутните можеа да уживаат во 31 изложена слика. Воедно амбасадорот беше примен и во кабинетот на градоначалникот Мицевски, кој, пак, го искажа своето големо задоволство за посетата на градот од страна на амбасадорот.
При доделувањата на годинешните признанија Мицевски изјави дека– учителот е и просветител, светлина која го осветлува патот на идните генерации, и токму затоа општината преку овие признанија се обидува да им даде дополнителен стимул на наставниците, учениците, професорите. Тие треба да продолжат со нивната посветеност на патот кој го трасират, а ние да бидеме горди на нивните достигнувања- додаде градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.
На свечената академија вечерва за ученик на генерацијата 2018/2019 од ОУ “Јоаким Крчовски” е прогласена Лина Рангелова, Марија Маџовска пак е ученичка на генерација од ООУ “Илинден”, подрачно училиште во с.Мождивњак. Од гимназијата “Ѓорче Петров” за ученик на генерација е прогласен Јован Младеновски. Учениците задоволно се заблагодарија на своите први учители, наставници, нивните родители и соученици, директори и до градоначалникот Мицевски.
Тие, исто така нагласија дека секој ученик треба да се води од паролата “Знаењето е сила, знаењето е моќ”, а врачените признанија за нив се само стимул да продолжат со наобразба и да ги оправдаат земните признанија.
Од просветните работници во учебната 2018/2019 се прогласени Добри Јовевски и тоа за најдобар одделенски наставник од ООУ “Илинден” и Татјана Филиповска, предметен професор по социологија од СОУ “Ѓорче Петров”.
Наставникот Јовески во своето обраќање рече дека тајната на неговото подучување е во едноставноста. Тој воедно е и ментор, автор и коавтор на многу трудови, а посебен предизвик му се социјално исклучени деца.
-Едноставно, човек изодува долг пат во својата професија, но тој пат ќе добие многу признанија и награди и кога ќе застане пред своите сограѓани и колеги, а тие ќе му го дадат признанието за најдобар просветен работник. Дури тогаш тоа е она чуство на исполнетост, среќа, задоволство и круна на вистинскиот успех рече Филиповска која важи за строг и иновативен професор и добар едукатор.
Од сето ова може да завршиме со реченицата “Никогаш просветните работници не треба да се штедат во својата работа, треба да се пренесе сето знаење на учениците, бидејќи токму тие можат да бидат учители на генерациите што следат”.