“Француската агенција за развој ќе започне да делува и во Република Македонија. По тој повод во тек се преговори за потпишување на договор со Владата на Република Македонија”.
Вака го започна разговорот амбасадорот на Франција во Република Македонија, господинот Кристијан Тимоние на вчерашната средба со градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.
Француската агенција за развој финансира големи и значајни проекти. Таа делува самостојно со пари од Француската влада, делува како банка, но дава и донации. Отворена е за соработка на прецизни проекти кои се фокусираат на теми од повеќе области: животна средина, одржлив развој, образование во широка смисла на зборот, мерки за поголема вклученост на жените во јавниот и приватниот живот, урбанизам и друго – истакна францускиот амбасадор Тимоние.
Она што би сакал да го потенцирам е следново: Агенцијата за развој работи исклучиво со големи проекти. Колку за илустрација за какви големи проекти станува збор, ќе го спомнам фактот дека во тек е финалната фаза за реализирање на еден проект во висина од десетина милиони евра. Вкупната сума на финансиски средства со кои располага агенцијата за развој за реализација на проекти во целиот свет изнесува околу 11 милијарди евра. Агенцијата ќе почне да делува повеќе на Балканот за разлика од порано кога фокусот го ставаше на Азија и Африка – изјави францускиот амбасадор.
Амбасадорот Тимоние се надева дека придобивките од агенцијата за развој во форма на конкретна помош од Франција ќе и помогнат на Македонија на патот кон Европската Унија. Тој верува во добра соработка и пријателство меѓу двете земји.
Овде се чувствувам како дома. Постојат силни врски помеѓу вашата општина и Франција и искрено се надевам дека не само што ќе продолжи, туку и ќе се зголеми изучувањето на францускиот јазик, бидејќи заеднички треба да спроведуваме европски практики, заклучи францускиот амбасадор Кристијан Тимоние на средбата со градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.
Разменивме позитивни информации за изминатиот период, но и информации за она што ќе се случува на ниво на соработка помеѓу Крива Паланка и Амбасадата. Верувам дека ќе развиваме и негуваме добри пријателски односи. Најавите од Амбасадорот за идна соработка и реализирање на проекти ќе биде помош и новост не само за Република Македонија, туку и за граѓаните на Крива Паланка – потенцираше Борјанчо Мицевски, градоначалник на Крива Паланка.
Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, присуствуваше на манифестацијата “Денови на франкофонијата”, која се одржува по седми пат.
На овогодинешната франкофонија покрај ОУ “Јоаким Крчовски” и гимназијата “Ѓорче Петров” за прв пат учествува и ОУ “Илинден”. Учесниците и оваа година подготвија богата програма надополнета со ритмички точки, поезија, француски шансони и три скеча изведени од учениците од трите горенаведени училишта. За програмата да биде успешно спроведена беа задолжени наставниците: Елена Николовска од ОУ “Јоаким Крчовски”, Сашка Младеновска, Елена Ѓорѓиевска и Мимоза Ивановска од УСО “Ѓорче Петров” и Елена Филиповска од ОУ “Илинден”.
Градоначалникот Мицевски на франкофонската вечер му додели плакета како знак на благодарност на францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.
Автор,
Р.А.