Девојка вчеравечер се удавила во водите на реката Вардар во Гостивар, а нејзиното тело е пронајдено рано утринава. Се уште се трага по човек кој скокнал во реката и се обидел да ја спаси девојката, но не успеал, јавува локалната телевизија „Глоби“.
Двете лица синоќа исчезнале во водите на реката, а полицајци, пожарникари и граѓани цела ноќ трагале по нив.
Според неофицијалните информации, нешто пред полноќ помлада жена била забележана во водите на Вардар кај кланицата. Очевидци тврдат дека еден гостиварец се обидел да ја извлече, но не успеал во намерата и и тој бил повлечен од брзаците на реката.
Околу 4:30 часот е објавено дека кај селото Старо Чајле е лоцирано телото на женско лице, објави телевизијата Глоби.
„Околу 1:30 часот бев на мостот во селото Форино каде со вознемирените жители го очекував исходот од потрагата. Полициски службеници со батериски ламби го следеа текот на водата во случај да се појават телата, кои последен пат биле видени во близина на селото Чајле,“ пишува новинарот Зоран Гега Маџоски на Фејсбук.
Се трага по човекот кој се обидел да ја спаси. Идентитетот на двајцата засега не е познат.