Бочварски во интервју за И-портал: Од Штип ќе создадеме современ урбан град, метропола и крстосница на Источна Македонија

Во недела на 29 октомври ќе се одржи вториот круг од локалните избори.

Штип е една од општините која е во центарот на вниманието. Таму, листата за советници на СДСМ и коалицијата освои 498 гласа повеќе од онаа на ВМРО-ДПМНЕ, со што мнозинството во советот ќе го има владејачката партија а разликата помеѓу кандидатите за градоначалници е само 36 гласа во корист на Захариев.

И-портал направи интервју со кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ и коалицијата, Благој Бочварски.

22228105_1418307938225055_2421398939639347317_n

Г-не Бочварски, каква е состојбата сега во Штип и што според вас треба да се промени?

Сведоци сме на политиките со кои владееше локална власт на мојот противкандидат. Таквите политики беа погубни за инфраструктурата на градот. Секој десетминутен дожд се претвораше во матно езеро. Централното градско подрачје се гуши во сообраќајниот метеж. Уличното осветлување не функционира! Срамота е чистата вода за пиење да е мисловна именка во нашиот град.

Уште со доаѓањето на власт на СДСМ се обврзавме дека ќе ставиме крај на лошото и непланско раководење со општините. Таквиот начин на владеење мора да запре и да се воспостави нов систем на менаџирање каде како приоритет ќе се стават вистинските потреби на граѓаните, и сметам дека чесност, одговорност и отчетност мора да има бидејки граѓаните тоа и го заслужуваат.

Новата стратегија за Локален економски развој (ЛЕР) која како иден градоначалник ќе ја спроведам ќе биде нов патоказ за развојот на градот и населените места и ќе се темели врз принципите на социјална праведност и економска стабилност. За сите заинтересирани домашни и странски инвеститори кои ќе создадат нови пристојни работни места ќе обезбедиме максимална поддршка и квалитетна инфраструктура. Интензивно ќе работиме на јавното приватно партнерство, ќе обезбедиме поголема вклученост и заеднички активности со невладиниот сектор, со бизнис заедницата и локалната самоуправа.

Кои се основните принципи и постулати според кои доколку бидете избран за градоначалник, ќе работите на развојот на градот?

Во основа ние ќе градиме по план. Ќе ја приспосубуваме целата урбана и рурална инфраструктура да биде во функција на граѓаните. Ќе градиме одговорно, квалитетно и домаќински и најважно според приоритетите на граѓаните. Ќе обезбедиме чиста вода и чист воздух за сите, обезбедуваме повеќе пари за граѓаните и ќе градиме отворена и услужна општина за сите, која ќе нуди навремени, квалитетни и ефтини услуги.

Транспарентноста, чесноста, одговорноста, законитоста и отчетноста ќе бидат основен предуслов на нашето работење. Кога зборуваме за нов пристап на работење, зборуваме и за иновации. Време е Штип да ги користи придобивките на алтернативни извори на енергија. Штип преку нашата програма ќе биде подготвен да ги користи најдобрите светски практики. Изработката на проекти за енергетски ефикасна општина ќе биде во фокусот на идната општинска администрација. Во новиот пристап на работење се и најранливите категории на граѓани. Ова е општина за сите.

Кои се вашите клучни капитални проекти во програмата?

Главна цел во мојата програма е да го вратиме животот во Штип за сите граѓани и да обезбедиме висок квалитет на живот за сите.

Како клучни проекти во мојата програма е секако изградба на околу 20км гасификациона мрежа, која заедно со помош на централната власт ќе ја изградиме, за да обезбедиме 40-50% пониски трошоци за домаќинствата, со што ќе останат повеќе пари за она што нив им е најпотребно. Секако гасификацијата како ефтин енергенс ќе придонесе и за намалување на трошоците на компаниите со што се отвара простор за зголемување на платите, но и за нови и подобро платени работни места. Тука не смееме да заборавиме дека ќе имаме и многу еколошки почиста животна средина.

Ќе обезбедиме и спорт за сите генерации, за здрав и полн со енергија живот за децата, младите и за повозрасните. Тоа ќе го овозможиме со изградба на Спортско рекреативен центар “Суитлак” кој се планира да се протега од паркот К’ртеќе до викенд населбата Суитлак. Во центарот е предвидено да има сала за боречки спортови и фитнес центар, повеќенаменски спортски игралишта, најмодерен аквапарк, отворен и затворен базен, нова велосипедска патека и многу други интересни содржини за спорт и рекреација.

Планираме и изградба на брана на реката Отиња со што ќе направиме мини вештачко езеро со некаде 3 милиони метри кубни на вода . Езерото кое ќе може да се користи за ублажување на летните горештини, за спорт, одмор и рекреација како и за наводнување на зелените површини во градот.

Дел од Штип нема квалитетна и здрава вода за пиење. Пред се тука мислам на населбите Чардаклија, Балканска и Македонка. Ова мора да се промени. Како што реков недозволиво е во 21 век луѓето сеуште да се соочуваат со проблем како што е водата за пиење, а со тоа и да бидат подложни на ризик за добивање на секакви болести. Овој проблем ќе биде решен. Предвидено е нова водоводна линија од препумпната станица Баби до овие населби која со предвидената динамика на работа се очекува да се заврши до 2021 година, етапно за сите населби.

Сообраќајниот хаос е секако тема за разговор која заслужува огромно внимание. Како ќе се справите со овој проблем на штипјани?

Веќе неколку години наназад градот Штип, особено централното градско подрачје, се гуши во сообраќајниот метеж. Постојниот режим на сообраќај на улиците„Маршал Тито”, „Васил Главинов” и „Генерал Михајло Апостолски”, платениот паркинг и изградбата на двете платформи не дадоа никакви резултати за растоварување на сообраќајот.
Тука мора да се воведе нов режим на сообраќај во централното градско подрачје. За растоварување на сообраќајот ќе изградиме и две надземни катни гаражи, една во центарот на градот и една во населба Сењак. Во најфрекфентната населба, Сењак ќе ја реконструираме крстосница на спој на улиците Ср.фронт и Борис Крјгер. а  ќе направиме и поплочување на тротоарите од крстосница Ср.Фронт – Борис Крајгер до спортска сала Јордан Мијалков.

Во предвид имаме и нова обиколница од населба Железничка, преку населба Пребег, месноста Крстот до Бања Кежовица. На овој начин се создава директна сообраќајна врска помеѓу населбите Сењак, Пребег и Ново село. Сите улици во урбаните и месни заедници ќе добијат патокази и ќе обезбедиме нова сообраќајна врска помеѓу брана Отиња и Блок 77.

Секако не забораваме тука да вложуваме и во зеленилото за чиста и здрава животна средина и место за рекреација на граѓаните.

Ветувате дека ќе ги вратите парите кај граѓаните?

Парите назад кон граѓаните е и централна политика на СДСМ и коалицијата. Започнавме со зголемување на минималната плата која многу значи за граѓаните на Штип, како град на текстилот и индустрија која најмногу беше погодена од овој закон. Потоа, имаме намалување на трошоците за катастарски услуги, укинување на радиодифузната такса, воведување на ефтина тарифа на струјата и многу други мерки во интерес на граѓаните. Тука на локално ниво ја продолжуваме таа пракса. Кај нас горлив проблем е цената на сметките за вода. Штип е општина која плаќа највисоки сметки за вода и комунални услуги.

Проблемот е во тоа што водата се носи дури од бунарскиот систем лоциран во река Брегалница. Препумпувањето на водата до филтер станицата носи високи трошоци за електрична енергија. Од друга страна Брегалница има се помалку вода а со тоа и бунарите и градот во догледно време ќе се соочи со сериозен недостиг на вода особено во високите зони.
Ние ќе воспоставиме систем на користење на вода од ХС „Злетовица” со што ќе обезбедиме доволни количини на вода за сегашните и идните потреби на градот, но и ќе ги намалиме сегашните загуби на вода.

Нашите пресметки говорат дека со оваа инвестиција ќе можеме да ја намалиме цената на сметките за вода за 10% за секое домаќинство.

Во нашата програма исто така е предвидено и Штип да биде енергетско ефикасна општина која ќе користи обновливи извори на енергија. Предвидено е замена на уличните светилки со енергетско ефикасни, соларни панели на институциите, термоизолациони фасади…. Ова ќе значи заштеда на општината и со тоа повеќе пари за другите потреби на граѓаните.

Потоа, ја имаме и инвестицијата во гасификација, која секако дека ќе ги намали трошоците на домаќинствата за 40-50%, а тука се новите инвестиции кои ќе донесат нови и подобро платени работни места, со што дополнително ќе се придонесе кон зголемување на семејниот буџет.

Каква е вашата политика за развој на месните заедници? 

Во овие заедници најголемите проблеми се од инфраструктурен карактер. Уште со самото доаѓање на позицијата градоначалник ќе се зафатам со решавање на овие проблеми. Мојата цел е да направам поврзување на урбаните и руралните средини, односно да ја намалам разликата помеѓу нив.

Имате ли некои конкретни проекти за овие населби?

Проекти има многу за кои согласно програмата сум се обврзал дека ќе ги реализирам. За почеток овде ќе ја наведам здравствената амбуланта во населба Баби, нов асфалт на улица “Крушевска Република”, “Лески” и “Никола Коперник” во населба Баби и Дузлак, зелелен пазар, надземна гаража, детска градинка во населба Сењак, паркинг места, улично осветлување, канализација во урбаната заедница Тошо Арсов, потоа асфалтирање на улица “Сане Горгиев”, “29 Ноември” и улица “Пиринска”, нова канализација на улица “4 Јули” и  “Глигор Прличев”, водоводна линија на улица “Лисец”и улица “Битолска” во урбаната заедница Брегалница,

Претпоставуваме дека имате предвидено проекти и за другите населби?

Секако. Никој не е заборавен. Ќе го подобриме живот на граѓаните од сите заедници. Тука спаѓаат и урбаните заедници Ново Село, Пребег и Железничка, Славчо Стојменски, Васил Догаџински и Пролет, Автокоманда, 8 Ноември, како и месните заедници Македонска, Балканска и Чардаклија, Долани, Драгоеви и Лакавица, како и месната заедница Караорман.   Ветивме дека ќе обезбедиме квалитетен живот за сите граѓани. Генерално проектите како што реков се од инфраструктурен карактер и генерално се поврзани реконструкција или изградба на пат, канализациони и водоводни системи, паркови и зеленило, спортски игралишта… Во секој случај ќе инвестираме онаму каде што е потребно и само во интерес на граѓаните од овие места.

За крај, што ќе им порачате на граѓаните на Штип во пресрет на вториот круг од локалните избори?

Прво сакам сите да веруваат дека во Штип може да се живее убаво и достоинствено, со крената глава и без закани и притисоци. Да веруваат дека од Штип ќе направиме европски и урбан град, вистински центар во источниот регион. Штип во кој младите ќе останат и ќе работат тука и ќе бидат вистински креатори на развојот на градот.

За крај сакам да ве повикам во Недела да излеземе и да ја заокружиме промената, за заеднички да обезбедиме живот во Штип за сите!

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e