Времените вработувања во општина Велес биле спротивни на законот, изјави денеска велешкиот градоначалник Аце Коцевски, во врска со обвинувањата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ за отпуштање на 15 времено ангажирани лица во општинската администрација.
– Нема потреба од беспредметни обвинувања, со кои претставниците од ВМРО-ДПМНЕ си ја перат совеста пред вработените во општината на кои претходниот градоначалник не им обезбедил место во систематизацијата и не распишал огласи за нивно вработување. Тој ги вработил по основ на привремено зголемен обем на работа, во време кога на градоначалниците и советите им беше спорен мандатот, кога почна изборната кампања, кога многу работи не функционираа во општините. Во време кога реализацијата на буџетот на годишно ниво ќе биде околу 50 отсто, во време кога полнењето на буџетот е многу мало вие да вработите 41 лице по основ на зголемен обем на работа е многу контрадикторно, потенцира Коцевски.
Воедно појаснува дека најголемото прекршување на Законот што е направено од страна на поранешното раководство на општината е прекршувањето на Законот за административни службеници.
– И покрај тоа што не ги исполнуваат условите за административна служба, на времено вработените лица им биле давани задачи кои вклучуваат бесправно давање статус на државен службеник, работа на управна постапка и потпишување на важни документи со што грубо се прекршени речиси сите членови на Законот за административни службеници. Ангажирани се лица без соодветни компетенции за одредени работни места како што налага законот. Со ова општината и граѓаните постојано биле доведувани во опасност да бидат оштетени во управните постапки, појасни Коцевски.
Воедно информра дека обвинувањата дека капиталните проекти како градскиот пазар, мостот кај Башино Село и други се запрени поради тоа што овие лица работеле на тие проекти според него е како што потенцира голема глупост.
Тој истакна дека не ги дели луѓето по партиска основа, туку само на професионалци и луѓе кои земаат плата без работа, само по партиска заслуга.
Воедно потсетува дека пред да стапи на функцијата најави дека ќе го ревидира секое бесправно трошење на парите на граѓаните на Велес.
– Утврдив дека со постапките за времено вработување и грубото кршење на Законот за административни службеници како и зачудувачката бројка од дури 41 лице кои биле ангажирани по партиска линија, граѓаните на Велес месечно биле оштетени со сума од 950.360 денари заради партиски интереси, вели тој.
Една од причините што долгот на општината е 2,7 милиони евра е токму оваа. Во наредниот период ќе се врши пополнување на работните места кои ги има многу во општинската администрација, пред се раководни места, со распишување на јавни огласи, со водење на соодветна постапка предвидена со законот, а не на ваков начин како што тоа е направено, оценува тој.
– Сите тие што сега се се уште во општината и сите тие на кои им е прекинат работниот однос ќе имаат право да конкурираат доколку ги исполнуваат законски предвидените услови, најави Коцевски.