Опожарените дрвја сеуште чадеа на местото каде што синоќа беше пронајдено јагленисаното тело на 80 годишниот Јован Андреевски од велешкото село Мартолци. Старецот жив изгорел во пожар, кој најверојатно сам го предизвикал. Според полицијата, андреевски излегол од дома вчера околу 13 часот и се упатил кон својата нива, на еден километар од селото.. Не се знае зошто ја запалил исушената трева, бидејќи нивата подолго време не била обработувана. Од ветерот огнот брзо пламнал и ја зафатил облеката на старецот. Во тој момент, во близина немало кој да му помогне. Брзата помош била известена дури во 18 часот и 30 минути.
Неговите соселани го познаваат како мирен човек, кој имал здравствени проблеми. Дел од нив вчера попладне го виделе огнот од нивите, но не ни претпоставувале дека во пожарот изгорел нивниот соселанец. Иако е забрането, луѓето често ги палат стрништата со цел да ја дезинфицираат обработливата земја. Но, тоа многу пати предизвикува пожари, кои некогаш завршуваат трагично. Ова е втор сличен случај во велешко. Пред неколку години човек изгоре во запалено стрниште во близина на велешката фабрика Порцеланка. 80 годишниот Андреевски денеска е погребан на селските гробиштата во Мартолци.
Извор: 24Вести