Граѓаните од Република Македонија инвестираат во дигитална (крипто) валута ONECOIN, иако според закон тоа не е дозволено. Народната банка преку соопштение укажува на законската регулатива и на високите ризици кои ги носи инвестирањето, чувањето и разменувањето на оваа дигитална (крипто) валута.
Во соопштението посочува дека граѓаните може да имаат реална загуба на парите што ги вложиле, дигиталните пари да им бидат украдени, брзо да се намалат, дури да падне и на нула и трансакциите поврзани со оваа валута може да се користат при криминални активности вклучувајќи го и перењето пари.
Од НБРМ појаснуваат дека согласно Законот за девизното работење, отворањето односно имањето сметки во странство е пропишано со посебна одлука донесена од Народната банка на Република Македонија.
Резидентите (правни или физички лица) на РМ не можат да отворат, односно да имаат сметка во странство, ниту да чуваат парични средства на тие сметки, освен под посебни услови, како на пример врз основа на регулиран престој во странство подолго од три месеци или добиена работна виза во странство, како и други услови пропишани во наведената одлука.
Исто така, вложувањето на резидентите во хартии од вредност во странство, како и вложувањето во деривативни финансиски инструменти чија цена директно или индиректно зависи од цената на хартијата од вредност, странската валута, берзанскиот производ или висината на каматната стапка, не е дозволено, освен за одредени исклучоци пропишани во законот.
Оттука, сметаат дека купувањето, односно инвестирањето од страна на резидентите физички лица во дигитални (крипто) валути, според регулативата во Република Македонија, не е дозволено.
Анализата на Народната банка покажа дека граѓаните иницираат трансфери во странство при вложување во дигиталната (крипто) валута ONECOIN, и тие најчесто не се извршуваат во корист на нивна сметка во странска банка (сам на себе), туку кон некое странско правно лице кое ја дава таа услуга за издавање или чување на дигитални крипто валути, па одтука тоа значи дека има одлив на девизи што со позитивните законски прописи во државата е забрането.
За поврзани вести продолжете надолу