Парите од иселениците важни за социјалниот развој на државата

Македонија добива најмалку 400 милиони долари во форма на дознаки годишно што е околу 4 проценти од БДП, покажуваат резултатите од двегодишното истражување што беше спроведено во рамки на проектот „Миграцијата како социјална заштита: Анализа на македонски, албански и српски домаќинства што примаат дознаки“.

Во просек, семејствата во Македонија примаат по 2.500 евра во текот на годината како прилив од нивни блиски во странство и овие средства имаат голема социјална улога за домаќинствата со што индиректно влијаат и врз намалувањето на сиромаштијата.

-Дознаките ја имаат улогата на неформална социјална заштита за примателите. Тоа го покажува фактот дека семејствата кои примаат дознаки имаат помала веројатност да бидат сиромашни за 27 проценти – изјави Благица Петрески од Институтот за економски истражувања и политики.

Препораката на истражувачкиот тим е да се изнајдат стратегии со кои овие средства би можеле соодветно да се искористат. ­

-Главната препорака до носителите на политиките е дознаките да бидат врамени во една политика каде ќе може да бидат соодветно искористени и каде што ќе ја намалат на формален начин ранливоста на примателите на дознаки – рече Петрески.

Најчесто во Македонија средствата од иселениците доаѓаат од високоразвиените земји од Европската унија и од прекуокеанските држави како што се Америка и Австралија. Во споредба со регионот, Македонија бележи средно ниво на примање дознаки. Највисок износ на дознаки има во Косово, додека во Србија дознаките учествуваат околу 8,5 од БДП. ­

-Резултатите на нашето истражување покажуваат дека во Србија семејствата кои ги примаат овие пари главно ги користат за најосновните потреби како храна, плаќање на сметки и слични работи- истакна Марко Владисављевиќ од Фондацијата за развој на економските науки од Белград.

Висок процент на примање дознаки, односно околу 30 проценти од БДП има и во Казахстан каде исто така се уште нема изградено стратегија за соодветно искористување на овие средства.

За поврзани вести продолжете надолу

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e