Цените на недвижностите во Македонија остануваат стабилни со блага надолна корекција. Понудата на станови бележи раст, а населението повеќе преферира да има сопствено живеалиште, наспроти изнајмено, но и да не го менува местото на живеење.
Тие податоци беа изнесени денеска на Првата конференција за инвестиции во недвижности во Македонија, во организација на он-лајн аукциската куќа за недвижен имот Е-аукција.мк и консултантската компанија Knowledge center.
– Во посткризниот период во Македонија и во останатите држави од Централна и Југоисточна Европа се јавува процес на блага надолна корекција на цените на недвижностите, односно генерално може да се каже некоја стагнација бидејќи процесот на надолно прилагодување кое се случува кај нас е понизок во споредба со останатите држави, изјави вицегувернерот на НБРМ Анита Ангеловска Бежоска.
Во сите региони растот на состојбата на станови е побрз од растот на населението, односно соодност на состојбата на станови и бројот на населението е повисок што упатува на можеби прекумерна понуда или ефект на богатство, каде становите веќе се позначаен инструмент на инвестирање на населението.
Податоците од анкетата на Австриската централна банка, пак, покажуваат дека учеството на сопствените живеалишта наспроти изнајмените во вкупниот станбен фонд е високо во сите држави во регионот, вклучително и во Македонија. Во просек учеството е околу 80 прoценти во земјите од Централна и Југоисточна Европа, наспрoти 67 во земјите од еврозоната.
Околу 50 проценти од сопствениците на станови во анкетата се изјасниле дека преферираат да останат во местото каде живеат и се подготвени да ги намалат останатите трошоци наместо да го менуваат местото на живеење. Во Македонија 30 проценти од испитаниците никогаш не го промениле местото на живеење, највисок процент во регионот, што, исто така дава индикација за одредени ригидности на пазарот на недвижности.
За поврзани вести продолжете надолу