Она што остана од некогашниот кумановски Тутунски комбинат ги раскара стечајните работници. Според судска одлука донесена годинава, 540 тони тутун од стечајната маса треба да се продадат за да се обештетат некогашните вработени кои се уште ги чекаат заработените плати. Околу 350 стечајни работници овластиле Комисија да го продаде нивниот дел од тутунот во нивно име. Дел од нив тврдат дека комисијата го продава тутунот многу евтино и бараат нивниот дел да им се даде во владение за да го продадат на јавен оглас по повисока цена.
Членовите на комисијата одговорна за продажба одбиваа да дадат изјава пред камерата, но ги убедуваа работниците дека нивниот дел не се продава.
Нивниот дел си стои. Ние го продаваме само нашиот дел и делот на стечајните работници кои не овластија за тоа со изјава на нотар, изјавија членови на Комисијата.
Стечајците се плашат дека ќе бидат изиграни.
Стечајниот управник со кого стапивме во контакт не сакаше да коментира. Кусо изјави дека не е одговорен за работата на Комисијата што е задолжена за продажба на тутунот.
Дополнително, проблем има и за други некогашни работици од поранешниот гигант. Околу 30 стечајни работници ќе останат со празни раце, затоа што нивното име го нема на листата работници за кои судот одредил обештетување. Стечајниот управник, Зоран Денковски, вели дека на нив не им следува парче од колачот затоа што не пријавиле побарувања.
Кумановскиот тутунски комбинат ги произведуваше познатите цигари „МТ“ и „Драва“. Со неговото затворање околу 400 граѓани останаа без работа. Имотот и опремата од монополот се на продажба за да се исплатат долговите. Работниците се надеваат дека комбинатот ќе го преземе инвеститор кој би можел да го рестартира за да си ги вратат работните места. Во Куманово има над 1000 стечајци. Денеска, како и секој петок тие во знак на протест ги блокираат излезот и влезот од градот. Бараат државата да го реши нивното прашање.
За поврзани вести продолжете надолу