Заев по враќањето од Њујорк: Остварливи се нашите евро-атлантски перспективи, таа порака ви ја носам

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска на прес конференција во Медиа центарот во владата говореше за учеството и активностите на владината делегација на Генералното Собрание на Обединетите нации во Њујорк, кое оваа година се одржа по 72 пат.

Ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Заев пред новинарите на конференцијата за медиумите:

Светот ја препознава Република Македонија, како земја на развојот.

Сите држави, пријатели на Република Македонија сакаат да ја видат нашата земја во друштво на стабилните, демократските и развиените држави.

Отворени се вратите за соработка на Република Македонија со земјите од светот.

Ја имаме потребната поддршка за остварувањето на нашите државни евро-атлантски цели што ќе обезбедат достоиствен живот за гражаните на Република Македонија.

Земјите членки на ЕУ и НАТО и нашите соседи од регионот ги поздравуваат позитивните и демократските реформи, инклузивните политки и политиките на отворени врати што ги започна Владата во Македонија.

Во Македонија се гледа како на земја на стабилност и напредок на регионот.

На економски план, голем број светски компании и држави ја гледаат Република Македонија како кредибилен партнер за соработка.

Има голем интерес од дијаспората да помогне и да се вклучи во напредокот на државата.

Останува на нас, заедно, како и до сега, обединето како и досега да ги завршиме започнатите реформи во Планот 3-6-9 на којшто се обврзавме и да продолжиме да ги продлабочуваме добрсоседските односи и регионалната соработка.

Шансите за перспективи, за нови работни места за младите, за економски развој, за евро-атлантска индина ни се на дланка. Од нас зависи почитувани граѓани.

Ова се оценките со коишто се вративме од Њујорк јас како премиер и владината делегација што беше со мене, министрите за надворешни работи, Никола Димитров и за дијаспора, Едмонд Адеми, како и моите советници и соработници.

Како што знаете, имав чест изминатата недела да ја претставувам Република Македонија како шеф на државната делегација на Генералната дебата на 72. Генерално Собрание на Обединетите нации во Њујорк. Генералното собрание на ОН беше одлична шанса да земеме учество во глобалните дискусии на теми што се заеднички со сите народи и `не засегаат сите, и да ги искажеме позициите на Република Македонија, дека Македонија е и останува на страната на мирот и партнер во акциите за мир и стабилност против производството и употребата на нуклеарно оружје и оружје за масовно уништување, за мирно решавање на конфликтите, како и за заштита на животната средина и заштита при природни катастрофи. Ова беа темите на коишто беше фокусирана дебата на земјите од светот во ГС на ОН.

Изминатите неколку дена во Њујорк остваривме повеќе од 30 средби на високо политички ниво со светски лидери и делегации од други држави, со високи претставници на меѓународни организации, со бизнисмени и со претставници на нашата дијаспора.

Имавме средби со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, со претседателот на Генералното собрание на ОН, Мирослав Лајчак, со комесарот на Европската комисија за добрососедски односи и проширување Јоханес Хан, со заменик помошникот на државниот секретар на Стеј Департментот, Брајан Хојт Ји, средби со премиерите на Белгија, Холандија, Норвешка, Малта, со министерот за надворешни работи на Германија Зигмар Габриел, со заменик премиерот на Виетнам, со висока делегација на Либералната интернационала. Евро-атлантските перспективи на Македонија во сите средби беа во фокус на разговорите. Светот и честита на Македонија за мирната разврска на политичката криза и за поставувањето на државата на демократскиот пат.

Имаме подадена рака да продолжиме на патот на прогресот.

Имавме средби со три организации на дијаспората од Македонија: Македонија 2025, Обединета македонска дијаспора и Форумот за демократска Македонија. Разговаравме за начините како може да ги искористиме сите капацитети што ги имаме во државата и во дијаспората за квалитетен животот на граѓаните. Имаме најави дека дијаспората директно ќе се вклучи и со финансиски средства и со човечки потенцијал во развојните процеси на Македонија.

Остваривме посета на Google Jigsaw и имавме состаноци со бизнисмени заинтересирани за промените во Македонија и можностите за инвестирање и отворање нови работни места. Поставени се основи за натамошна соработка со оваа светски позната компанија.

Учествував на повеќе настани на високо ниво, како што е настанот за приклучување кон политичката декларација за реформата на ОН на иницијатива на САД, панелот „Глобален договор за животна средина“ организиран од претседателот на Франција Емануел Макрон, настанот на високо ниво „Реформи во Советот за човекови права“ инициран од САД, Обединетото Кралство и Холандија, каде што ја искажав поддршката што ја дава Македонија во надминувањето на сите предизвици со коишто се соочува светот, затоа што, како што порачав, можеме да успееме, заедно, слушајки ги гласот и потребите на граѓаните.

На маргините на посетата, учествував на Глобалниот бизнис форум на Блумберг, имав вечера со шефовите на делегации од земјите на Западен Балкан на покана на Високата претставничка за безбедност и надворешна политика Федерика Могерини и се обратив на настанот организиран од страна на УНДП и Швајцарската Агенција за Развој „Нов почеток за Балканот“ што се одржа на универзитетот Колумбија.

Клучни пораки што ги испративме во текот на целата посета се дека:

– Македонија излезе од длабока политичка криза којашто ја надминавме со силна внатрешна политичка волја и голема поддршка од нашите пријателите од светот.

– Македонија е пријател на соседите и цврсто определена да стане полноправна членка на ЕУ и НАТО. На меѓународен план, испративме порака дека правиме темелни внатрешни промени за развој на демократијата и за да ја развиеме економијата, но и дека очекуваме поддршка за реформите и напредок во нашата стратегиската определба за зачленување во ЕУ и НАТО.

– Испративме силна порака за искрена политичка волја за градење добрососедски односи и затворање на сите прашања што стојат како пречка за унапредување на односите. Обединетите нации се добар форум за решавање на дел од овие проблеми, но ангажманот мора да дојде и од самите држави коишто се засегнати од предизвиците.

– Испративме порака дека силно сме посветени на изградба на едно општество, дека се обединивме околу заедничките вредности на демократија, човекови права, слободни медиуми, независно судство. Во фокусот на нашите политики ги ставаме граѓаните и нивните потреби за вработување, поголеми примања, поквалитетен животен стандард и квалитетно здравство и образование.
Остварливи се нашите евро-атлантски перспективи почитувани граѓани, и можен е достоинствен живот во нашата Македонија. Таа порака ви ја носам од Њујорк.

Да продолжиме по патот на промените што заедно го избравме.

Одговори на новинарски прашања;

Медиуми: Шефот на грчката дипломатијата Никос Коѕијас, на брифингот со грчките новинари што известувале од ГС на ОН, истакнал дека прашањето за името има четири сегменти. Првиот е името на државата и неговата примена, вториот е државјанството, третиот е јазикот и четвртиот се употребата на кратенките. Дали сте подготвени да преговарате и за идентитетот на македонскиот народ? Второто мое прашање е за Законот за употребата на јазиците. Во последното ваше телевизиско интервју велите дека со законот за јазици ќе се затвори Охридскиот рамковен договор но, вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи пред извесен период истакна дека треба уште многу работа за да се затвори рамковниот договор.

Премиерот Заев: Јас не навлегувам во брифингот што министерот за надворешни работи на Грција го давал пред грчките медиуми. Тоа што можам да го кажам е дека на средбата помеѓу нашиот министер за надворешни рботи и господинот Коѕијас, продолжија разговорите за меѓусебно подготвување за идно своевремено почнување на разговори, кои секако, како што ја најавувавме и досега, ќе биде предводена од медијаторот Метју Нимиц. Воопошто не се разговараше за ништо, освен за градење на доверба со мерки кои, во една пријателска атмосфера ќе доцедат до констатација на двете страни, и нашата и грчката, дека може да биде од огромна помош во моменти кога ќе дојде време да се разговара и преговата. Така што воопшто не е навлезено во разговори поврзани за суштествени прашања поврзани со проблемот кој што Грција го има со нашето име. Лично јас, не, не сум подготвен да разговарам за идентитетски прашања на нашата земја.

Во врска со второто прашање, и јас и господинот Османи сме изјавиле барем неколку пати досега дека овапрашање, прашањето за употребата на јазиците, од правно-формален аспект, е последното прашање од рамковниот договор. Останува Охридскиот рамковен договор да ги исполни сите свои очекувања, едно од тие очекувања е и рамноправната застапеност на помалкубројните етнички заедници. Тоа е тема на која треба Македонија да продолжи да работи. Тоа е нешто кое што е навистина е важно за да чувствуваме сите дека навистина градиме едно општество за сите.

Медиуми: Премиере, посредникот Метју Нимиц, во интервју за Независната балканска новинска агенција вели дека постои добра волја за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција. Во меѓувреме и странските медиуми меѓу кои и германскиот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ излегоа со анализа во која вели дека Македонија најверојатно по локалните избори ќе прави промена на името на аеродромот. Дали Македонија е подготвена да направи отстапки во преговорите?

Премиерот Заев: Знаете дека сите овие коментари се премногу далеку. Ние она што го работиме во моментот на тој план се градење на пријателски основи, пријателски однос и генерално јакнење на довербата меѓу двете страни. Рековме дека нема да дозволиме било што, што би се калкулирало или коментирало како провокација од наша страна. Сакаме да бидеме исправени за моментот кога ќе дојде времето да навлеземе во решавање на овој многу чувствителен и сериозен проблем, посебно за нашата страна. Јас верувам дека Македонија треба да биде подготвена за решавање на овој проблем. Затоа што со решавање на овој проблем автоматски ја добиваме поканата за НАТО, и веднаш ќе се отворат широко портите за преговорите за ЕУ. Засега единствено што е мерливо со време е тоа дека идната пролет Европската унија ќе дискутира за проширување, за давање шанса на земји од Западен Балкан, за почеток на преговори за членство во ЕУ.

Ние би сакале Макеоднија да биде една од земјите од регионот, Албанија е многу блиску до тоа исто така. Сето тоа најавува дека до тој период, до идната пролет, или еве да кажам до средината на 2018, е многу логично да очекуваме нови идеи од медијаторот Метју Нимиц, за кои што двете страни ќе разговараат, ќе даваат свои коментари, ќе преговараат и сѐ што ќе биде потребно друго во функција на изнаоѓање на решение. Но, до сега навистина, на било која средба, еве јас имам прилика на заеднички вечери, на приемот кај претседателот Трамп, да се видам со господинот Коѕијас, разговаравме и во ОН, но разговаравме само за пријателство. Навистина ги користиме сите моменти и од наша, и од нивна страна, неколкукратно да потврдиме колку сме пријателски настроени земји. Во многу аспекти. Еве Македонија ја завршува и оваа 2017 година со повеќе од 1 милион посети на Грција, што покажува дека навистина е вредно да се дадат напори и од нашата и од грчката страна, пред сѐ, за да може Македонија да исчекори кон своите Евроатлантски интеграции.

Медиуми: Не се постигна целта пред избори да се донесе законот за јазиците. Дали ќе бидете отворени после изборите, кога ќе има повеќе време, да прифатите поголема дебата од албанскиот дел од експерти, и од албанската опозиција, да се отвори дебата и да се доносе законот, затоа што според албанската опозиција законот го унапредува, но не го прави службен албанскиот јазик. Второто прашање ми е, бидејќи имате јавно објавено соработка на локалните избори со ДУИ, дали ќе ги поддржите тие кандидати на ДУИ за кои што постојат сомненија дека има криминал според изјавите кои што ги даваше опозицијата во собранието?

Премиерот Заев: Како што гледате, има јасна динстинкција као се носат закони за унапредување на јазиците, во ова време, со оваа влада, и како се носеа порано. Порано се носеа по завршување на изборите, пред формирање на влада, на еден шверцерски начин, без било каков коментар на високите претставници на политиката, и со еднострана, скоро без дискусија, согласност. Ние тоа што го правиме во парламентот, овде како Влада, најавувајќи го лично јас, од Охрид на пресконференија, организираме опсежна дебата, и како што гледате, сакавме пред избори да го донесеме, но опструкциите на ВМРО-ДПМНЕ се јасни. Но немаме проблем, ќе продолжи таа дебата. Еве нека се искористи моментот дебатата да опстојува додека не се донесе самиот закон.

Сакаме навистина на еден транспарентен начин без било каква резерва или пречка зад која што ќе се криеме, да донесеме ваков закон за потребите на граѓаните на Република Македонија. Знаете дека ништо не ни значат одредени суетни прашања без разлика од кого се поставени. За нас границите се поставени. Тоа да биде уставно, и да биде вистинска потреба на граѓаните од помалубројните заедници од кои најголема е албанската заедница, но другите помалубројни заедници во Макеоднија. Уставот ја има дефинирано употребата на јазиците. Дури ја има и појаснето. Ние се водиме од рамката која се вика Устав на Република Македонија, и од практичната потреба. Не е хир, туку практичната потреба на граѓаните, онаму каде што им треба да можат да го користат. Секоја идеја, секоја критика секоја сугестија, е добредојдена и ние стоиме на располагање за да ја прифатиме. Како што гледате секојдневно се случуваат одредени сугестии, одредени критики. Знаеме да се корегираме,знаеме да се повлечеме, да испратиме пораки на корективност, затоа што реков, мораме и треба да ги слушаме граѓаните затоа што заради нив постоиме и поради нив работиме.

Во однос на вашето второ прашање, ние во Струга имаме наш кандидат за градоначалник, и сметам дека немате право. Ние таму сме првата победничка партија во 2016 на изборите. Така што јас очекувам прво ние да влеземе како првопласирани, а потоа да видиме кој нас ќе не поддржи. Во Чаир стоиме зад поранешниот заменик министер за образование, затоа што е вреден кандидат. Не постојат никакви сомневања за него, а верувам дека такви поддршки ќе испорачаме и во други општини каде што мислиме дека кандидатите за градоначалници се добри, работеле за граѓаните, или, ако се нови, дека ќе работат за граѓаните. Апсолутно подеднакво за сите граѓани и за самата нивна општина која ќе ја водат со љубов.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e