Со поддршка од ФАО ќе се зајакнуваат малите стопанственици и семејните фарми

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, денеска ја отвори работилницата за “Студијата за малите стопанственици и семејните земјоделски стопанства во Република Македонија“, во рамки на проектот “Поддршка во спроведувањето на регионалната иницијатива за зајакнување на малите сопственици и семејните фарми”, финансиран од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации – ФАО и Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство. Проектот се  спроведуваше истовремено во неколку земји од регионот. Основната цел на овој проект е да се создаде една платформа од сеопфатно знаење за потребите, предизвиците и препреките со кои се соочуваат малите сопственици и семејни фарми, која ќе помогне во идните политики и мерки кои ќе бидат од корист на оваа категорија земјоделци.

„Просечната големина на земјоделско земјиште по земјоделско стопанство според податоците во 2016 година, изнесувало 1,8 хекатри. Сепак, околу 60 отсто од земјоделските стопанства се во категоријата која обработува помалку од 1 хектар земјоделска површина, а околу 20% се во категоријата на земјоделски стопанства со 1 до 2 хектари. Системот за идентификација на земјишни парцели воспоставен во рамки на МЗШВ, покажува дека најголем дел од парцелите се помали од 0,2 хектари. При тоа, индивидуалните земјоделски стопанства поседуваат повеќе од 80 отсто од обработливото земјиште, а остатокот од земјиштето е во државна сопственост. Овие податоци го потврдуваат фактот дека земјоделските стопанства во Република Македонија се карактеризираат со многу мали и фрагментирани земјоделски површини, кои ги ограничуваат нивните приходи, го прават производството неефективно, нерентабилно и континуирано ја загрозуваат одржливоста на земјоделската дејност. Малите производни капацитети на овие стопанства ја ограничуваат и примената на современа технологија, а моменталната техничка опременост е недоволна или застарена. Заради овие причини, тие се ретко специјализирани“, изјави министерот Николовски.

22424291_2047032792184916_4028235461457154642_o

Според Мортен Хартвигсен од Регионалната канцеларија на ФАО за Европа и Азија, на семејното земјоделство кое е клучен ресурс за постигнување одржлив економски, социјален и еколошки развој на земјата, му е неопходно посебно внимание и поддршка. Хартвигсен  посочи дека во Македонија 87 отсто од вкупната вредност на земјоделското производство ја продуцираат токму малите фармери.

„ФАО во моментов ги финализира националните студии за специфичните потреби и ограничувањата со кои се соочуваат малите земјоделски стопанства и семејните фарми во седум земји во регионот, вклучувајќи ја и Македонија. Целта на студијата е да се обезбедат повеќе информации и знаење за специфичните потреби и ограничувања на малите земјоделски стопанства и семејните фарми во секоја земја, што овозможува зголемена поддршка во области со најголема потреба од прилагодени интервенции согласно потебите на секоја земја“, изјави Хартвигсен.

22426263_2047032788851583_5664533719606080638_o

Министерот Николовски посочи дека земјоделското производство е главен извор на приход во руралните средини, и претставува значајна стопанска гранка од економијата на Република Македонија,  поради што и идните стратешки цели на Владата ќе бидат во насока на целосно искористување на развојниот потенцијал на земјоделскиот сектор, преку зголемување на земјоделските површини и приноси и подобрување на квалитетот и безбедноста на земјоделските производи. На тој начин ќе се зголемат приходи во сите семејства кои се занимаваат со земјоделство.

„Имајќи во предвид дека сегашната структура на ситните земјоделски стопанства произлегува пред се од малата површина на земјоделско земјиште и фрагментираноста на истото, на голем број поедичени парцели, започнат е процес на консолидација на земјоделското земјиште. Токму, со консолидацијата на земјоделското земјиште  ќе се добијат окрупнети земјишни површини со правилна форма, погодна за примена на современи технолошки решенија и соодветни инвестиции.Сегашната структура ќе се подобри и со обезбедување на релевантни податоци за соодветноста на културите и сортата за дадени производни региони, за што веќе започнавме со спроведување проект – Реонизација на земјоделството според почвено-климатските услови на реоните и изработка на листи на препорачани култури и сорти. Дополнително, обработливите површини ќе се зголемат со инвестирање во системи за наводнување“, изјави министерот Николовски.

22459572_2047032572184938_2358550667534406369_o

Министерот потенцираше дека предвидената трансформација на земјоделскиот сектор е возможна преку зголемени инвестиции, кои ќе се поддржат од буџетот во рамки на Програмите за директни плаќања и рурален развој за кои од следната година издвојуваме 160 милиони евра, но и преку претпристапните финансиски средства од европската ИПАРД Програма.

Малите земјоделски стопанства се важен сегмент во Глобалната агенда за развој со оглед дека „целта 2“ предвидува „нула глад“ и налага до 2030 година да се удвојат продуктивноста и приходите на малите производители на храна и семејните фарми.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e