СЈО со 1.560 докази за обвинетите во „Труст“

Следното рочиште за случајот „Труст“ за незаконскиот тендер за ископ на јаглен во РЕК Битола ќе се одржи на 30 ноември, кога како сведок ќе биде сослушан Васил Ристовски, управител на „Силекс неметали СТ“.

Специјалното јавно обвинителство на денеска презентира 1.560 докази на 81 страница.

Меѓу нив се и три разговори од „бомбите“, а еден од нив веќе беше објавен, меѓу поранешниот премиер Никола Груевски и првиот човек на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски. Другите два не се објавени во јавноста и ги водат тогашниот генерален секретар на Влада, Кирил Божиновски и Влатко Чинговски.

Судијката на денешното рочиште во кривичниот суд го одби предлогот на одбраната трите „бомби“ да не бидат докази во постапката и го прифати предлогот ЦД од обработени банкарски сметки да не биде доказ во постапката.

– Ние сме формирани поради аудио снимките и целата јавност треба да слушне што се случувало, рече обвинителот од СЈО Артан Ајро.

Обвинителот Гаврил Бубевски рече дека очекува на некое од наредните рочишта во судница да се слушнат и „бомбите“. Тој посочи дека поранешниот премиер Никола Груевски нема да биде сведок туку неговиот глас во една од „бомбите“ ќе посведочи.

Меѓу доказите е целокупната документација поднесена за тендерот на ЕЛЕМ, документи прибавени од РЕК Битола, докази за целокупната механизација и опрема на „Трансмет“, вештачења направени од машински инженер и од економист, фактури, податоци од Агенцијата за вработување за бројот на вработени лица во трите фирми, извештаи од банките за сметките на фирмите, книговодствена евиденција за начинот на кој ЕЛЕМ му плаќал на „Трансмет“.

Во „Труст“ првообвинет е бизнисменот Сеад Кочан и уште двајца, Василие Авировиќ и Сафет Ватиќ, а со обвинението опфатени се и фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ кои според обвинението, здружени во конзорциум, доставиле фалсификувани документи за сопственост на механизација и за кадровска екипираност со цел да добијат тендер на ЕЛЕМ за ископ на јаглен во Суводол за 17 милиони евра.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e