Пратеници на ВМРО – ДПМНЕ ќе го напуштат Груевски

Реформистите на ВМРО-ДПМНЕ имаат свои поддржувачи и во редот на пратеничките групи од оваа партија. Како што рече Александар Михајловски, на трибина организирана од Цивил медиа, имињата не им ги соопштуваат, за да се спречи нивна смена од функцијата што ја извршуваат во моментов. „Ако сега излеземе со име, кои пратеници нè поддржуваат, убедени сме дека ќе бидат изложени на притисок да се повлечат од пратеничката функција. Затоа, во овој момент, нема да ги кажеме. А, има многу, многу ги има!“, откри Михајловски на трибината „Без табу теми!“, која на иницијатива на ЦИВИЛ – Центар за слобода .

„Не знаеме која е целта на новоформираните 10 пратенички групи. Ако била целта да се прошири дебатата, тогаш, тоа е во ред. Но, ако била целта да се блокира работата на Собранието, тогаш тоа дополнително ќе го наруши имиџот на партијата во јавноста. Има пратеници што ја поддржуваат нашата Инцијатива. Но, нема да шпекулираме со имиња, зашто секое име што претходно го објавивме, беше разрешено од партиската функција што ја имаше! Зашто, Иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, има широка поддршка во членството. И не само во членството, туку во сите партиски тела и органи, вклучително и во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Сите се свесни и повеќе од јасно им е – дека ова е исклучително важен момент во историјата на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Михајловски.

Според него, на македонската политичка сцена има најави за формирање нови политички партии во десницата, со кои што ќе се прави обид дополнително „да се цепи ВМРО-ДПМНЕ“.

„Ќе има обиди за да се раслојува ВМРО-вското гласачко тело, со што може да биде доведен во ризик, опстанокот на ВМРО-ДПМНЕ. Тој аларм, ние што целиот живот сме биле во ВМРО-ДПМНЕ, го чувствуваме и тоа беше главниот поттик да излеземе јавно, со целиот тој крик што го чувствуваат членовите, што сакаат ВМРО-ДПМНЕ да остане во овој облик, но како демократска и модернизирана партија, да може да ги канализираме, да ги охрабриме да дојдат со нас и да може да се даде една форма во целиот настап“, информираше реформистот Михајловски.

Петар Богојески, еден од реформистите на ВМРО-ДПМНЕ зборуваше отворено за „системот на меници“ со којшто, како што тврди, партиското раководство ги држи со години под контрола пратениците, советниците, градоначалниците, сите партиски функционери …

„Тие се принудуваат да воспостават незаконски облигации, на коишто во иднина ќе бидат обврзани под потенцијален страв, да изгубат дел или целиот свој имот, да биде извршен тој имот, поради нивна некаква непослушност. Па, тие се чувствуваат ограничено да дејствуваат самостојно, самоиницијативно, авторитативно, повикувајќи се на својот авторитет и интегритет и на моменти да предлагаат различни мислења од оние на лидерот, на дел од раководството па и на телата во партијата“, обзнани Богојески на трибината.

„Оригиналноста на оваа нашата Иницијатива е во фактот што ние, ниту некого го притискаме да се приклучи, ниту го ограничуваме. Ние настапуваме со доверба! Тука е и суштината – зошто се инсистира на централизација при донесување на кадровските одлуки и какви било одлуки во партијата. А, тоа е немање доверба во членовите! Ние сметаме дека треба да имаме комплетна доверба во сопартијците и да им дадеме, одлуките да ги носат тие. И сега, таа недоверба се мултиплицира на создавање ‘систем на меници’“, рече Богојески, објаснувајќи ја суштината на системот што функционира со години во партијата.

„Што е суштината? Немање доверба кон своите кандидати и немање доверба во нив како кон луѓе, дека ќе издржат разно-разни притисоци и дека ќе исполнат одредени насоки и слепо ќе ги извршат насоките, за кои не се лично убедени… Со таква цел се воспостави тој некоректен систем кон сопствените пратеници, градоначалници, советници…“, беше дециден Богојески.

„Зошто некој поединец да не може искаже различно мислење од другите?! Тој систем на целосна посесивна контрола, на лицата што ги номинираме да бидат избрани за државни функционери на различни позиции во државата е систем, којшто ја загушува внатре-партиската демократија и креативност на поединецот, така што ние губиме. Партијата наша губи. И последниве години се покажа дека тие политики, сериозно застрануваат и ја доведоа нашата партија во опозиција, токму затоа што немаше можност за дускусија внатре во органите и телата на партијата“, заклучи Богојески.

Извор:Цивил медиа

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e