Потпишани првите договори за поддршка од неповратни 10.000 евра за млади земјоделци

Денеска во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопантво се потпишаа првите 60-тина договори од вкупно одобрените 424 договори за Мерката 122 од Програмата за рурален развој  „Помош на млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност“.

На официјалното потпишување на првите договори, присуствуваа Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, како и директорите и советниците во состав на МЗШВ и од Владата на РМ.

23825970_2067336733487855_8660340805249778881_o

 

Премиерот Зоран Заев, им порача на присутните млади земјоделци, дека земјоделството ќе биде една од базичните гранки на кои ќе се темели идниот економски раст.

„Нашата Македонија ги има сите почвении климатски предности за конкурентно земјоделско производство кои мора да ги искористиме за развој на вкупната економија и држава. Вие почитувани млади луѓе ќе ја имате клучната улога во остварување на оваа цел. Државата ќе биде тука да ви помага на тој пат и да ги создава потребните услови за стопанисување за да може да напредувате во вашата работа.Со задоволство можам да кажам дека откако ќе ја завршите инвестицијата, веднаш ќе ви бидат исплатени неповратни 10.000 евра“, изјави премиерот, Зоран Заев.

24059639_2067336586821203_7541231874342550775_o

Министерот Николовски посочи дека овие неповратни 10.000 евра, младите земјоделци можат да ги користат за набавка на земјоделска механизација и за инвестиции во производствени капацитети.

„Мерката постоеше и во претходните години, но по критериум „прв дојден прв усложен“, што отвораше сомнеж дали овие пари завршуваа кај вистинските земјоделци. Нашата аграрна политика е јасна – секој денар од субвенциите од секоја мерка, мора да се исплати на вистинските земјоделци. За таа цел во годинешната Програма за рурален развој го отсртанивме претходниот критериум, и воведовме нови критериуми, со единствена цел овие неповратни 10.000 евра да завршат кај оние млади земјоделци кои навистина сакаат да се занимаваат со земјоделство, кои ќе ги искористат парите за сериозна инвестиција, ќе внесат нови технологии, од што придобивка ќе има и вкупното земјоделско производство“, изјави министерот Николовски.

23783728_2067336613487867_1223385508914395693_o

Инаку минатата година за оваа мерка со претходните критериуми беа склучени 124 договори, оваа година  со новите критериуми, се склучија три и пол пати повеќе договори.

Во однос на процедурата за исплата, Платежната агенција веќе ги извести сите 424 земјоделци дека им се прифатени апликациите и им прати допис со датум и време на потпишување на документите. По потпишувањето на договорите, корисниците треба започнат со реализација на инвестицијата. Временскиот рок за реализација на инвестицијата е 6 месеци.

По реализација на инвестицијата,  барателот треба да поднесе барање за исплата до Платежната агенција, заедно со потребната документација од инвестицијата односно фактури, испратници, доставници, изводи од банка за транскациите, најдоцна до 1-ви јуни 2018 година.По обработката на барањата за исплата, Платежната агенцијата, испраќа контрола на лице место, која што ќе ја констатира фактичката состојба со инвестицијата на терен.Доколку се совпаѓаат  податоците од контролата и договорот, Агенцијата веднаш ќе изврши исплата на парите. Тоа значи дека, доколку годинава ја реализирате инвестицијата или набавите механизација, оваа година ќе имате исплата на неповратени 10.000 евра.

23826121_2067336580154537_7357010818890822504_o

Инаку денеска во МЗШВ се потпишаа дел од договорите, во следните неколку дена во Платежната агенција ќе бидат потпишани и останатите договори со малдите земјоделци од сите региони од државатра, а чии што апликации се одобрени.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e