Османи: Македонија очекува датум за преговори во јуни и членство во ЕУ до 2025-та

Европската комисија утре во Стразбур ќе ја објави Стратегијата за проширување со земјите од Западен Балкан. Македонија очекува да добие јасна европска перспектива, но и можност да го достигне рокот заедно со Србија и Црна Гора во 2025 година да стане дел од Унијата…

Македонија очекува да добие датум за преговори со Европската унија во јуни и членство до 2025-та, оцени вицепремиерот Османи најавувајќи ја Стратегијата за проширување со земјите од Западниот Балкан што Европската комисија ќе ја објави утре во Стразбур. За нас е позитивно што ќе добиеме временска рамка за приклучување кон Унијата, оценува Османи.

„Очекуваме во Стратегијата јасно да се утврдат два моменти за Република Македонија. Првиот е Македонија, заедно со Албанија, да почнат преговори оваа година. Очекуваме и да се даде можност и Македонија да го достигне таргетот 2025, се разбира доколку го залужува тоа“, нагласи вицепремиерот Османи.

По евентуалното почнување на преговорите, Македонија брзо ќе може да отвори поглавја бидејќи нашето законодавство веќе во голема мера е прилагодено со европското, истакнува вицепремиерот.

„За нас е важно да ги започнеме преговорите. Македонија има доста постигнато во тој процес и досега во овие 17 години откако е потпишана Спогодбата за стабилизација и асоцијација работиме на хармонизација на легислативата и сметаме дека ако започнеме преговори многу брзо ќе отвораме и затвораме поглавја, бидејќи ние и пред да започнеме преговори имаме работено на тој процес и постигнато резултати“, изјави вицепремиерот Османи.

Вицепремиеот не сакаше да ги коментира протестите во Грција, зашто Владата е посветена на воспоставување на добри меѓусоседски односи со сите соседи и на остранување на пречката со Грција.

Вицепремиерот очекува утре во платформата на Комисијата да се потврди европската перспектива на земјите од Западен Балкан.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e