Новинарите ќе тужат за прислушкувањето

Телефонската комуникација на новинарот и уредник на НОВА ТВ, Борјан Јовановски, била следена пет-шест години, од 2010 до 2013 година на еден мобилен телефон, и од 2012 до 2015 година на друг број.  Тој, за ТВ 21 изјави дека со отворањето истрага за предметот „Таргет“, СЈО потврди дека илјадниците прислушувани не биле следени од никакви странски служби, туку дека тоа го правеле оние кои биле платени од народни пари за да ја штитат нашата приватност. Тој како и останатите 10-тина новинари за кои е објавено дека биле таргет на прислушните уреди, најави тужба против државните служби.

„Многу ми е жал што покрај мене биле прислушувани и сите оние мои приајтели и блиски луѓе со кои сум споделувал и најинтимни моменти. Тие луѓе едноставно биле фатени, вовлечени во таа мрежа која УБК ја фрлило брз приватноста на сите нас. Едниот од тие броеви сè уште го користам, другиот не е веќе во функција, а има уште еден што треба да го најдам и приложам како доказ, затоа што тој  е најмногу прислушуван, и е користен во времето кога работев во А1 Телевизија“, вели Јовановски.

И телефонскиот број на новинарот Саше Димовски, како што вели самиот, бил еден од следените од тајните служби. Димовски, заедно со уште 16 новинари пред десетина години, по шестгодишен судски процес,  ја доби пресудата за аферата „Големото уво“. Неговиот број, како и на другите новинари, но и дипломати и политичари,  бил прислушуван уште од 2000-та година. Новинарите предметот го добија во Судот за човекови права во Стразбур. Но, за разлика од тогаш, вели новинарот Димовски, кога прислушувањето се вршело само во предизорниот период,  овој пат прислушувањето траело со години. И покрај тоа што телефонот штој тој го користел бил регистриран на име на брат му, сепак бил прислушуван цели шест години.

„Јас сум еден од новинарите кој во 2010-та објави дека УБК на чело со Мијалков го прислушува и неговиот баџанак, сегашниот судија во Европскиот суд Јован Илиевски. Човекот буквало беше стаписан кога му ги покажав доказите дека го прислушуваат. Во 2010 година, јавноста не беше потресена за прислушувањето за кое зборував, а почнало уште во 2006-та. Мене оваа информација воопшто не ме изненадува, но гледајќи ја пресудата од Стразбур, државата треба сериозно да се загрижи колку пари ќе изгуби сега“, вели Димовски.

СЈО вчера го објави новиот случај „Таргет“, откако пред еден месец влезе и изврши истрага во просториите на УБК, при што наиде и на отпор од високи полициски функционери. Специјалните обвинителки соопштија дека во период од 2008 до 2015, биле следени преку 5000 телефонски броеви на политичари, деловни луѓе, но и новинари. Службата била љубопитна за сè за што разговара партиското раководство од владеачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, освен тогашниот премиер Никола Груевски.

Извор: ТВ 21

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e