НОВА ТВ: Соучесниците на Грујевски трпеле притисоци да не сведочат против него

Утре во 11.30 часот, Кривичниот суд ќе ја објави пресудата за седуммина обвинети во случајот Тврдина 2. Овој случај, е првиот од десетици случаи на СЈО кој ќе дојде до завршница. Обвинети се Горан Грујевски како началник во Управата за безбедност и контраразузнавање и шест службенички.

Тие се товарат дека незаконски уништиле 2.047 документи, од кои дел  биле поврзани со набавката на опремата за прислушување. Првообвинет е Грујевски, кој моментално се наоѓа во затвор во Солун и чека екстрадиција, откако на солунскиот аеродром заедно со Никола Бошковски (обвинет во Таргет) биле фатени со лажни пасоши под имињата Христо Атанасов и Неџби Хасан.

Грујевски е обвинет во неколку случаи на СЈО, во Тврдина 2 се товари  дека незаконски издал наредба за формирање на комисија за попис и годишно ништење на материјали.

Останатите шест обвинети во овој случај биле членовите на комисијата која требала да одлучи кои материјали и документи треба да бидат уништени.

Сите членови на оваа комисија Грујевски одлучил да бидат жени – службенички во УБК. Според она што беше кажано на судските рочишта, овие шест жени биле секретарки во Управата и се уште не се знае, зошто секретарки биле оставени на одлучуваат кои материјали (меѓу кои и класифицирани документи) повеќе не биле потребни и требало да се уништат.

НОВА ТВ од неофицијални извори кои имаат сознанија за судскиот процес дознава дека шесте обвинети како соучеснички во ова дело се соочувале со огромни притисоци и закани кон нивните семејства за да не сведочат против Грујевкски. Меѓу нив има мајки на малолетни деца и самохрани родители. Според нашите извори, тие биле избрани само затоа што Грујевски сметал дека полесно ќе може да манипулира со нив за да ја извршат задачата.

СЈО бара алтернативни мерки за шесте секретарки во УБК

Максимална затворска казна за поранешниот началник на Петтата управа, Горан Грујевски, побара обвинителката Ленче Ристоска на  завршните зборови на рочиштето за случајот „Тврдина 2“. Таа побара судот да ги цени отежнителните околности, односно тоа што обвинетиот иако знаел дека постапката е во тек, избегал.

За останатите шестмина обвинети, Ристоска побара алтернативна казна и побара судот да ги цени отежнителните околности како тоа што ниту една од нив не се покајала за дејството, но и олеснителните околности како тоа дека ниту една од обвинетите нема никаква дамка во службата во претходното работење и дека дел од нив се мајки на малолетни деца.

„Алтернативни мерки значи условна осуда. Да биде определена казна затвор, но во исто време да се даде шанса казната затвор да не се изврши доколку во рок определен од судот, обвинетите не сторат ново кривично дело. За ова се одлучивме затоа што се работи за обвинети кои имаат професионални досиеја без дамка и се долго време во службата“, рече Ристоска.

Обвинети во Тврдина: Дејствувавме по наредба на претпоставениот началник Грујевски

Пет од службеничките од УБК, кои помогнале да се уништат доказите поврзани со системите за прислушување во текот на судењето од своите адвокати не беа повикани да сведочат, што претставува реткост, ако не и преседан во вакви судски процеси.

На последното рочиште на кое се кажуваа завршните зборови, тие прв пат проговорија. Во своето обраќање, сите со прст посочија кон Грујевски и рекоа дека се што правеле било по наредба на претпоставените.

„Во УБК сум долги години и секогаш својата работа сум ја работела професионално без никакви забелешки. Секогаш сум ги почитувала наредбите на претпоставените, што стои како опис на моето работно место и сакам да кажам дека и во овој случај постапував исклучиво по наредба на претпоставениот началник“, рекоа обвинетите.

По завршувањето на рочиштето, обвинителката Ристоска во изјава за медиумите, рече дека тоа што обвинетите службенички го посочиле Грујевски би требало да има некакво влијание на пресудата, но останува на судот да одлучи.

Во текот на доказната постапка, како сведок зборуваше само една од обвинетите. Таа негираше дека е виновна и рече дека била наместена.

„Се сретнав со една од колешките и таа ми рече дека ме бара друга колешка која исто така е обвинета во овој случај за да потпишам нешто. Кога отидовме во канцеларијата, ми рече да потпишам некои документи, затоа што тоа било работа на сите секретарки. Затоа потпишав. Не знаев што точно потпишувам, ниту пак дека сум била член на некаква си пописна комисија“, рече обвинетата.

Таа појасни дека како секретарка на началникот В.Ц. и било речено кога ќе дојдат претставниците на пописната комисија да ги донесе црните ќеси во кои биле документите за ништење и на сите да им свари кафе.

Во овој случај, СЈО побара само условна затворска казна за шесте обвинети секретарки на УБК, членови на Комисијата за уништување документи кои, според обвинението, помагале да се изврши кривичното дело од страна на Грујевски. Но, ваквата блага препорака на Обвинителството не може да значи дека за соучесниците во останатите случаи на СЈО нема да биде побарана построга и потешка казна.

Извор: Нова ТВ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e